Музичката програма на фестивалот Охридско лето, вечерва, во црквата „Света Софија“, со почеток во 21 часот, ќе донесе концерт на словенечкото пијано дуо „АнАнтонио“.

Пијано дуетот „АнАнтонио“ го сочинуваат пијанистите Ана Јосимовска-Кањацо и Антонио Кањацо. Двајцата признати музичари со македонско и италијанско потекло живеат и творат во Љубљана, Словенија.

Како солисти и камерни музичари се добитници на многу награди од меѓународни натпревари и настапувале со Македонската филхармонија, Словенечката филхармонија, Оркестарот на музичката академија од Пескара, Младинскиот оркестар од Мартиненго, оркестарот на меѓународниот фестивал во Чиогија, на фестивалот Охридско лето…

Во 2014 година дуетот го издаде својот прв компакт-диск со наслов „Тарантела“, на кој се поместени солистички и камерни дела.

Драмската програма на годинешното 62. издание на фестивалот Охридско лето ќе биде отворена со премиера на театарската претстава „Секс, лаги и љубомора“ од Марк Камолети, во режија на Коле Ангеловски, а во изведба на Народниот театар Охрид.

Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ вечерва со почеток во 21 часот.
Улогите ги играат актерите Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски, Адријана Билаловиќ-Тодороска, Елизабета Стефановска, Билјана Билаловиќ-Вељаноска и Марија Новак.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.