Песната „Твоја ли е градината, Алиса“ на македонскиот автор Андреј Медиќ Лазаревски ја доби наградата „Енхалон“, која се доделува на „Струшките вечери на поезија“ за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот.

Жири-комисијата во состав Митко Гогов, Иван Шопов и Игор Трпчески, во своето образложение велат дека станува збор за песна во која доминира интертектуалната игра.

– Повикувајќи се на светскиот класик „Алиса во земјата на чудата“, низ интертекстуална игра Андреј Медиќ Лазаревски храбро и софистицирано води дијалог со себеси и светот, преиспитувајќи ги своите внатрешни лавиринти низ неконвенционални и свежи поетски слики. Низ стиховите авторот успева да изгради култивирана визура во сопствениот лирски и филозофски дискурс. Песната нѐ води низ еден специфичен имагинарен времепростор, во кој авторот успева да дополнително да ги очуди познатите симболи, давајќи им нова смисла и семантичка сила.

Преку патувањето низ универзалните егзистенцијални траектории низ светот на имагинарното и реалното, авторот, на места иронично и пркосно, нѐ повикува на нови преиспитувања, читања и преобмислувања на светот на дуалностите во кој е заробен. Неговиот императив не е да пишува за она што е присутно и видливо, туку да го артикулира и трансцендира она што интуитивно го пренесува од „другата страна“, во една нова метафизичка димензија – стои во образложението на жири-комисијата.

Со поетското читање „Мостови” и врачување на наградитe, „Златен венец“, „Браќа Миладиновци”, „Мостови на Струга” и „Млада Струга“ синоќа заврши официјалниот дел на 63. издание на меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.