Претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија што се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност ги одликуваше македонистите Златко Крамариќ, Зузана Тополињска, Јоуко Линдстет, Јежи Русек (постхумно), Кшиштоф Вроцлавски (постхумно) и Далибор Брозовиќ (постхумно) со Медал за заслуги за Република Македонија.

Златко Крамариќ се одликува за неговиот непроценлив придонес за афирмацијата на македонскиот јазик и на македонската култура, за неговата амбасадорска дејност во поврзувањето на македонските и хрватските научни институции, како и во приближувањето на Република Македонија кон евроатлантските иницијативи.

Зузана Тополињска се одликува за непроценливиот придонес за афирмацијата на македонскиот јазик и на македонската култура, како една од најактивните македонисти чиишто научни трудови се поттик за голем број домашни и странски научници.

Јоуко Линдстет се одликува за неизмерниот придонес за македонскиот јазик и за македонската култура при што остави траен белег како еден од најистакнатите македонисти во скандинавските земји.

Јежи Русек постхумно се одликува за исклучителниот придонес во развојот и одржувањето на студиите по македонски јазик и литература на Универзитетот во Краков со што придонесе за афирмација на македонскиот јазик. Неговите научни трудови и конференции и денес претставуваат поттик за младите генерации на македонисти.

Кшиштоф Вроцлавски постхумно се одликува за непроценливите заслуги за македонистиката и за посветеното проучување и истражување на македонскиот фолклор и на македонската народна раскажувачка традиција.

Далибор Брозовиќ постхумно се одликува за исклучително значаен придонес во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик и неговите дијалекти, со што ја задолжи македонската култура и македонската лингвистика ревносно промовирајќи ја на меѓународно ниво.

Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски на свечената церемонија.

Оваа 2024-та е година на два големи јубилеи. 150 години од раѓањето на Крсте Петков Мисирков и 80 години од Првото заседание на АСНОМ и основањето на современата македонска држава.

Двете годишнини се суштински поврзани. Според германскиот македонист Волф Ошлис, современа Македонија е Мисиркова Македонија бидејќи е изградена врз неговите принципи запишани во книгата „За македонцките работи“.

Не случајно и Блаже Конески секогаш се навраќа на таа книга, цитирам, „зашто тука за прв пат толку јасно и недвојбено се утврдува самобитноста на Македонците“ и важноста на македонскиот литературен јазик за нашата национална консолидација. И не случајно едно од првите решенија на асномска Македонија беше воведувањето на македонскиот како службен јазик на македонската држава, а еден од првите национални потфати беше заокружувањето на неговата кодификација и стандардизација.

Овие два големи јубилеи го даваат контекстот и на денешниов свечен настан, на кој им велиме благодарам, на шестмина заслужни странски македонисти. Велам странски, иако тие се и наши, бидејќи секој оној што го посветил животот на проучувањето и промовирањето на македонското јазично богатство, на нашата комплетна татковина, не може да биде сметан за туѓинец, ами за нашинец.

За славистите македонскиот јазик отсекогаш бил предизвик, како научен, така и личен.

Ќе започнам со научниот. Македонскиот јазик и македонската писменост имаат долг временски и просторен континуитет што започнува во мугрите на словенската писменост. Поради способноста да се адаптира кон промените, да еволуира и да се развива во бројни дијалекти, македонскиот јазик опстанал и во најнеповолни услови и прерасна во бесценет запис на нашата култура и трезор на нашиот идентитет.

Македонскиот јазик одамна стана предмет на истражување на најпознатите странски слависти, меѓу кои, особено место има првата дама на македонистиката, академик Зузана Тополињска. Членувајќи во најважните комисии на Меѓународниот славистички комитет посветени на граматичките структури и на Општословенскиот атлас, академик Тополињска е еден од најголемите афирматори на македонскиот јазик во Полска и во светот. Таа толку се соживеа со македонистиката што веќе 40 години живее и работи кај нас, стекна македонско државјанство и стана редовен член на МАНУ, каде што со години раководеше со Истражувачкиот центар за ареална лингвистика „Божидар Видоески“.

Вистинска пасија за македонскиот јазик разви и нејзиниот сонародник, покојниот професор Кшиштоф Вроцлавски од Универзитетот во Варшава. Пресуден момент во неговата научна дејност е теренското истражување во Пештани, каде што собрал околу 130 народни творби, од кои половината биле само од еден раскажувач. На тој начин, Вроцлавски поминал низ слично доживување како и браќата Миладиновци кои сведочат дека во Струга само една девојка им кажала дури 150 песни. Соочен со богатиот македонски фолклор, професорот Вроцлавски толку ја засакал Македонија, што се посветил на македонската фолклористика и станал најистакнат странски истражувач и промотор на нашето народно творештво.

Сличен животен и професионален пат поминал и финскиот славист, професорот Јоуко Линдстет од Универзитетот во Хелсинки. Професорот Линдстет е искрен кога вели дека тој не ја избрал македонистиката, туку дека македонистиката го избрала него. Во 2003 година, во грчката патријаршиска библиотека во Александрија, тој го открил Кониковското евангелие – најстариот познат текст на современ македонски јазик. Ова евангелие кое потекнува од крајот на 18 или почетокот на 19 век е алката која недостасуваше во генеологијата на македонскиот јазик. Професорот Линдстет со задоволство истакнува дека токму македонистиката му ги дала најинтересните истражувачки предизвици во неговата богата славистичка кариера.

Но, проучувањето на македонскиот јазик не е само научен, туку и личен предизвик, затоа што македонистите ја делат судбината на јазикот кој го проучуваат. Речиси и нема македонист, особено од постарата генерација, кој не искусил непријатни притисоци од центри кои го негираат македонскиот јазик и идентитет.

Илустративен е примерот на еден од втемелувачите на македонистиката во Хрватска, академик Далибор Брозовиќ, кој даде огромен придонес во проучувањето на македонскиот јазик и неговите дијалекти. Како автор на бројни македонистички трудови, тој се борел за македонскиот јазик и македонската кауза на многу меѓународни научни конференции, спротивставувајќи се на ненаучните бугарски тези против македонскиот јазик, народ и култура.

Вториот пример е поврзан со полскиот славист, бугарист и македонист, Јежи Русек, професор на Институтот по словенска филологија при Јагелонскиот универзитет во Краков. И покрај силниот политички притисок од тогашна Народна Република Бугарија, професорот Русек не дозволил да се укине предметот Македонски јазик на Универзитетот. Напротив, тој придонел да се одржи и заштити македонистиката и станал пионер во научната споредба меѓу бугарскиот и македонскиот јазик.

Конечно, со нас е и нашиот голем пријател, амбасадорот Златко Крамариќ, еден од најдобрите познавачи на македонската книжевност во Хрватска и прв професор по македонска литература и култура на Филозофскиот факултет во Осијек. Тој со децении се занимава со македонските теми и неуморно придонесува за културното поврзување меѓу Република Хрватска и Македонија. Поради својата љубов за македонскиот јазик и книжевност, амбасадорот Крамариќ плати и цена која се одрази и на неговата дипломатска кариера.

Научната дејност бара храбро спротивставување на непринципиелните и ненаучни притисоци. Затоа сум длабоко уверен дека овие медали за заслуги би можеле да ги сметаме и за медали за храброст.

Македонистите ги крепи недвосмислениот факт дека во меѓународната научна заедница, местото и важноста на македонскиот јазик и на неговите дијалекти никогаш не биле доведени под прашање.

Македонскиот јазик е непобитен лингвистички, историски и културен факт, признат и рамноправен со другите јазици во Европа и во светот.

Делото на секој од овие шестмина македонисти ја зголемува нашата одговорност да го чуваме македонскиот јазик. Тоа подразбира активна поддршка на домашните и меѓународните научни истражувања и проекти во сите области поврзани со македонскиот јазик и неговите дијалекти. Да вложуваме во македонскиот образовен систем, во студиите, катедрите, лекторатите и издаваштвото, да вложуваме во македонистите во земјава и во странство, особено преку Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

Затоа, вчера го потпишав Указот за прогласување на Законот за употреба на македонскиот јазик кој неодамна беше усвоен во Собранието. Со тоа го продолжуваме заветот на Мисирков кој нè потсетуваше дека „милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто тој е наш, исто така како што е наша татковината“.

Може само да не радува фактот дека во тој потфат не сме сами бидејќи со нас се и верните чувари и афирматори на македонскиот јазик, нашите пријатели македонисти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.