Пет пара со огромна потреба за љубов, страст, нежност, но и немоќ да ја сменат состојбата е приказната во претставата „Парови“ која синоќа, на 18 мај, на сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар беше премиерно прикажана.
Борба за доминација, его, токсични машко-женски односи, партнери на кои им е поважен професионалниот успех и социјалниот статус, партнери што посакуваат никогаш да не се сретнеле, се изневеруваат, бракови што станале рутина, партнери кои имаат различни очекувања, доживуваат разочарувања и се комични во нивната немоќ.
Ова е праизведба на текстот на авторката Ана Ристоска Трпеноска, режијата е на Ивана Ангеловска.
Текстот прикажува неколку парови партнери во различни ситуации и фази од нивните животи.
Сценограф на претставата е Костантин Трпеноски, изборот на костимите е на костимографите Раде Василев и Ратка Џамбазовска Коцев, композитор на музиката е Ади Имери, дизајнот на постерот е на Дамјан Момировски, а фотограф е Стефан Самандов.
Во претставата играат: Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Димитрија Доксевски, Јасмина Василева, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Лазар Христов и Нина Елзесер.
Ристоска-Трпеноска во драмскиот текст го поставува прашањето: „Постои ли вистински успешна врска, совршен брак или партнерите се стремат да постигнат невозможен концепт, нешто што е конструкт на општеството?“
Со „Парови“ сакав да напишам драма за партнери заглавени во трагикомичното секојдневие на заедничкиот живот. Мене секогаш повеќе ме интересира да го прикажам тоа што не се гледа, да пишувам за осаменоста и за проблемите со кои партнерите се соочуваат, но ги чуваат меѓу четири ѕида, кажа пред премиерата Ристоска – Трепноска.
Следната изведба на „Парови“ е на 30 мај, на сцената „Ристо Стефановски“ во 20 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.