По повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, утре (5 мај) во Националната опера и балет во 12:00 часот, во организација на Министерството за култура, ќе се одржи панел-дискусија во насока на афирмацијата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

На дебатата, покрај министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, ќе учествуваат и: заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ; министерот за образование и наука Јетон Шаќири; амбасадорот на Европската Унија во нашата држава, Дејвид Гир; како и Елена Јованова-Грујовска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Наташа Аврамоска од Институтот за македонска литература, Људмил Спасов од Советот за македонски јазик и Весна Мојсова-Чепишевска од Семинарот за македонски јазик, литература и култура.

На панел-дискусијата, што ќе ја води Ана Јовковска, ќе се разговара на повеќе теми поврзани со заштитата и афирмацијата на јазикот, за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик кој ја помина владината процедура, за дигитализацијата на досиејата на Институтот за македонски јазик, за опстојувањето на македонскиот јазик до неговото стандардизирање во 1945 година, за јазикот низ новите медиуми и друго.

Во чест на одбележувањето на 5 Мај, денот кога Народната влада на Федерална Македонија ја усвои македонската азбука како официјално писмо на македонскиот јазик, утре ќе се одржат и неколку културни настани, меѓу кои и: проекција на филмот „Јанѕа“, концерт на Музичката младина на Македонија, како и концерт на составот „Црно собрание“.

Оваа година одбележувањето на Денот на македонскиот јазик е под слоганот „Пишувај на кирилица!“, со акцент на употребата на кирилското писмо во секојдневната електронска комуникација, особено преку мобилните уреди.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.