Пред полна сала, со силни аплаузи, синоќа во Домот на АРМ се отвори осумнаесетото издание на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје 2022 со серијата Современи кореографски идентитети и кореографии на тројца млади уметници, Бобан Русески, Раде Обрадовиќ и Јована Зајкова.

Пред многубројната публика, во извонредна атмосфера, со полна енергија, беа изведени кореографиите „Општествена критика“ на Бобан Русески, во која настапија Сара Цветковска, Адријана Данчевска и Јована Зајкова; „Пат до месечината“ со гостите од Нови Сад, Србија, во кореографија на Раде Обрадовиќ и „Самовили и демони“ во кореографија на Јована Зајкова и Бобан Русески, кои настапија, придружени од вокалната уметница Зарина Првасевда. Публиката со одушевување и големи аплаузи ги награди младите уметници.

Програмата на Танц Фест Скопје 2022 се одвива под мотото „Танцувајќи на работ“.

На овогодинешниот фестивал публиката ќе има можност да ги види и претставите „Go Figure It Out“ на Адријана Данчевска, „09190“ на Дејан Битровски, „Популус“ на Филип Петковски, „Само среќа“ на Томео Вержес од Франција, како и „Интер-Вју“ на Жиган Крајнчик, ко-продукција на Словенија и Латвија. Ќе биде претставен и Косовскиот балет со претставата „Егзодус“ на кореографот Ено Печи, како и продукцијата на Скопје танцовиот театар „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ на Рисима Рисимкин, која ќе се изведе прв пат по огромниот успех, кој Рисимкин и Скопје танцовиот театар го доживеаја на сцената на Националниот театр за современ танц „Шајо“ во Париз, Франција.

Фотографии: Драган Перковски

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.