Претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија денеска ги одликува Милица Стојанова, Милка Ефтимова и Стојна Вангеловска со Орден за заслуги за Македонија и го додели признанието Повелба на Македонија на Факултетот за Драмски уметности, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и на Националната установа Турски театар.

Доајенката на македонското глумиште Милица Стојанова (90) се одликува со Орден за заслуги за нејзиниот фундаментален придонес во основачките процеси на македонскиот театар, како и за воспоставување иновативни методи, високи критериуми и за нивен развој во современото актерско мајсторство и за афирмација на македонскиот театар и на македонскиот филм на национално и на меѓународно ниво.

Огромна е честа што ни ја укажува претседателот Пендаровски. Ова признание го примам во свое име, како и во име на моите колешки и колеги и оние кои веќе не се меѓу нас, а придонеле за резултите, рече македонската театарска, филмска и телевизиска актерка, заблагодарувајќи се.

Стојанова во својата богата и исполнета кариерра работела во Радиодрамата во Скопје, а потоа во Драмата на МНТ од 1953 до 1964 година. Од 1964 година па сè до пензионирањето била во Драмскиот театар во Скопје. Добитник е на повеќе високи признанија – на највисоката републичка награда „11 Октомври“ за ролја и за животно дело, потоа на Наградата на градот Скопје „13 Ноември“, на Стериината награда на Театарските игри во Нови Сад, како и на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Двапати е прогласена за артист на годината од страна на ревијата „Екран“ од Скопје.

Ефтимова се одликува со Орден за заслуги за нејзиниот исклучителен и траен придонес во развојот на оперското пеење, со што придонесе за афирмација на македонската оперска уметност на национално и на меѓународно ниво, како и за посветената и значајна педагошка активност.

Многумина заслужуваат да бидат спомнати и тие се дел од ова призниние, рече Евтимова, заблагодарувајќи им на своите студенти, професори, пријатели кои и помогнале во нејзината кариера.

Вангеловска се одликува со Орден за заслуги за нејзините постигнати највисоки резултати во кошарката на домашен и на меѓународен план како играч и како тренер, како исклучителен придонес во македонската кошарка и на македонскиот спорт, воопшто.

Чест е денеска да се биде со храбри и силни жени, доајени во нивните професии. Тежок е патот кон успехот, полн со предизвици. Бара многу вложување, но пред се голема дисциплина и одговорност. Во својата долгогодишна кариера освоив се што можеше да се освои, постигнав врвни резлтати, рече Вангеловска.

На Факултетот за Драмски уметности се доделува признанието Повелба на Македонија по повод 50-годишното постоење и за суштински и траен придонес во развојот на театарската и на филмската уметност, како и на драмското творештво преку педагошка дејност и преку автономна и автохтона театарска и филмска едукација.

На Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ се доделува признанието Повелба по повод 40-годишното постоење и за значаен и непроценлив придонес во развојот на македонската кинематографија и за нејзина афирмација во светски рамки, како и за афирмација и популаризација на филмската уметност низ нејзиниот најспецифичен сегмент — кинематографијата.

На Националната установа Турски театар се доделува признанието Повелба на Македонија по повод 70-годишното постоење и за особени постигнувања на полето на театарската уметност и за нејзина афирмација и популаризација, како во земјата така и во странство.

Радост е, но истовремно и голема чест да се оддаде признание на личности и институции кои ги претставуваат ‘рбетот, обрзот и честа на вашата работа, рече претседателот Пендаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.