Претставата „Алиса во земјата на стравовите“ во режија на Александар Поповски и текст на Ева Махковиќ, драматург од Словенија синоќа ја раскажа приказната за растегливоста на времето, како што рече Поповски пред изведбата.

Публиката која синоќа го гледаше затворањето на 64. издание на „Охридско лето“, имаше можност да го види магичниот свет на Поповски во кој низ беспаќата на заблудите на денешницата, младите луѓе ги чекаат секакви востановени рамки на општествени околности – од теророт на политичка коректност и се поголеми барања на работодавачите, до откажување од сопствено семејство.

Главниот лик , Алиса го толкува Милена Радуловиќ, која воопшто не ја напушти сцената цели два часа, и во текот на претставата како што рече, излезе зоната на комфорот, и пееше…

После многу години се вратив во Охрид и многу ми е драго. Ова е моја прва поголема улога во театар. Мислам дека темета е мошне интересна бидејќи се говори за судбината на една млада жена во денешно време и искушенијата пред кои е исправена. особено она што постојано ни се наметнува дека мораме да станеме се до 35 години- и успешни жени и мајки и да имаме љубов на својот живот и потполно да ги дефинираме идеалите… Од првиот ден до денес колку повеќе ја играм претставата толку повеќе се наоѓам себе си во неа. Има се повеќе паралели, се поврзувам со ликот што го играм. Мислам дека и публиката тоа го препознава и мислам дека е прекрасно што Александар како маж сето тоа го препозна и што го заинтересирала оваа тема и драго ми е што сум дел од актерската екипа, рече пред синоќешната изведба во Охрид, Радуловиќ.

Текстот за претставата е инспириран од „Алиса во земјата на чудата“ на Луис Керол и од неа Махковиќ го зела најпознатите мотиви и ликови за преку нив да го даде своето видување на современата, урбана, еманципирана жена која има 35 години и се наоѓа на животна пресвртница. Оваа Алиса и припаѓа на генерацијата милениумци кои многу бргу растат, но истовремено остануваат вечни деца. Таа е релативно успешна жена, главно ситуирана, има сопруг и дете, а можеби и нема, но има и стравови- страв дека нема да има доволно време за своите амбиции и дека и чука биолошкиот часовник, дека нема да биде доволно успешна, дека нема да има дете или дека ќе има дете, но токму тоа ќе ја спречи во кариерата…

Секоја од сцените во претставата прикажа конкретна состојба и страв. Актерите играа мошне хармонично, а неколкумина толкуваа и по неколку улоги: Радован Вујовиќ ги игра Додо и Риба, Милан Мариќ – Мачката и Шапкарот, Јована Беловиќ- Глувчицата и Седумка, Тамара Сустиќ, Денис Муриќ- Мартовскиот зајак, Пеликанот и Бебето, а Ива Манојловиќ игра еден од најинтересните ликови- Гасеницата.

Меѓу ликовите можеби највпечатливи се Кралицата која ја толкува Слобода Миќаловиќ и Белиот Зајак, кој го игра Небојша Љубишиќ. Репликата на Кралицата „Ова е ноќна мора, но истовремено е и живот“ ја запамети секој гледач синоќа на „Охридско лето“.

Сонговите на Маријан Неќак во интерпретација на актерите на Југословенско драмско позориште придонесуваа да се промени значително атмосферата на сцената.

Временските прилики не дозволија претставата да се одигра на Античкиот театар како што беше планирано и претставата се одигра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.