Со премиера на операта „Трубадур“ на Џузепе Верди, во режија на Иван Поповски синоќа во Македонската опера и балет беа отворени 52. „Мајски оперски вечери“.

Пред изведбата, фестивалскиот оган го запали оперската певица Славица Галиќ-Петровска, со што официјално беше означен почетокот на празнување на месецот на оперската уметност кај нас, а холот на Македонската опера и балет беше претесен за да ги собере присутните љубители на оперската уметност. Политичари, актери, режисери, ликовни уметници и почитувачи на оперската уметност со љубопитство ја разгледуваа изложбата посветена на доајенот на оперската уметност кај нас, Милка Ефтимова поставена во холот на Операта, а потоа со воодушевување ја проследија изведбата на „Трубадур“ од Џузепе Верди.

Диригент на операта „Трубадур“ во четири чина беше Енрико Довико од Италија, сценографијата на Миодраг Табачки (Србија), костимограф е Марија Пупучевска, а кореограф Саша Евтимова.

Во насловната улога настапи тенорот Зоран Сотиров, а дел од кипата беа мецосопранот Сања Анастасија, Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Јане Дунимаглоски, како и хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

 

Прочуениот македонски режисер, Иван Поповски чии оперски поставки се наградувани во Русија и низ светот, а првпат режира опера во Македонија на публиката и се поклони со целата екипа вклучувајќи го и тимот на сценска техника, а публиката ги награди со голем аплауз и стоечки овации.

„Трубадур“ е 11-та опера што ја режира нашиот режисер со меѓународна кариера Иван Поповски, а прва што ја поставува во земјава. Поповски смета дека операта е врв на сценската уметност, а за музиката во ова Вердиево дело дека е генијална и космичка.

-Театарот пробува да објасни, приближи, да материјализира и да спушти на земја, а музиката лета и е неопиплива. И тоа е судир, тежок спој во кој операта е во опасност да умре уште пред да се роди. Многу ретко се случува двајцата лидери – диригентот и на режисерот, да се спојат во хармонија. Во последната деценија главен е режисерот кој не обраќа големо внимание на музиката и тоа е на штета на музиката која во ова дело на Верди е генијална и космичка, изјави Поповски. Она што него го инспирира тематски е, рече, борбата меѓу највозвишеното и најпримитивното.

Следната изведба на „Трубадур“ е на 11 мај со учество на солисти од Канада и Чиле, додека диригентот е Иван Еминовиќ.

На Мајските оперски вечери ќе се изведат и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски (15 мај) со диригентот Најер Нагуи од Египет и солисти од Бугарија и операта „Валкира“ на Вагнер (18 мај), со која ќе гостува Софиската опера и балет, што ќе биде и прва изведба на ова дело на нашата сцена.

Во годината посветена на Џакомо Пучини ќе биде изведена операта „Тоска“ (23 мај) со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, домашна екипа и со гости од Србија и Романија. Новина за овие Мајски оперски вечери е изведбата на камерна опера – современата а капела опера „Свадба“, со која на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана.

Традиционално, Мајските оперски вечери ќе завршат на 31 мај со Вердиевата „Аида“ со Австријката Моника Медек во насловната улога и гости од Кина, Италија и Бугарија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.