Во фоајето на НУ Центар за култура Битола синоќа беше отворена изложбата на фотографии на Диоген Хаџи-Коста Милевски, насловена “Монодиоптрија“.
Изложбата “Монодиоптрија“ е визуелно патување и ретроспектива на најмоќните моменти од Интернационалниот фестивал на монодрама во периодот 2019 – 2023 година и содржи 30 фотографии кои ги визуелизираат емоциите и суштината на ликовите толкувани од 25 актери, во монодрамите одиграни на сцените на фестивалот во изминатите години.
Изложбата за отворена ја прогласи директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска – Илиевски која рече:
-Денес отворам една, за мене, посебна изложба која на симболичен начин го симболизирна она што ќе ни се случува во наредните осум дена во Битола. Ако за театарот велат дека е уметноста на мигот, јас истото го мислам за фотографиите, посебно за оние кои се тука, а се дело на Диоген Хаџи-Коста Милевски. Тој ги има “уловено“ најдобрите театарски мигови во поседните пет-шест години од фестивалот на монодрамата. Јас како актер знаев како треба да изгледа фестивалот, тимот тоа го реализира, а Диоген е една алка од тој тим. На наше изненадување тој аплицирал на овој проект, оваа изложба и сега имаме прекрасни актерски фотографии кои се вовед на Фестивалот на монодрама. Би сакала да кажам дека оваа изложба е повеќе од успешна, бидејќи кога светлата ќе се угаснат и актерите ќе си заминат дома, нам ни остануваат овие фотографии кои сега се пред нас.
Авторот на изложбата Хаџи-Коста Милевски на отворањето на изложбата рече:
-Мондиоптрија е продолжение на проектот од мината година кој беше насловен “Фестивалска диоптрија“. Овој проект е создаден од довербата која ја има меѓу себе тимот кој го организира фестивалот на монодрама во Битола, што е своевиден, наш, бисер битолски. Сакам преку овој проект да ја раскажеме приказната за монодрамара и битолчани од Широк Сокак, да ги донесеме во салите каде се играат монодрамите, а тоа се случува благодарение на сите кои сме вклучени. Ако “Фестивалска диоптрија“ беше најава за “Монодиоптрија“ е фокусирана на монодрамата, а зборот е моја кованица. Во процесот на селекција беа избрани 25 фогографии кои се од една голема колекција, но сигурно има уште многу фотографии кои заслужуваат да бидат изложени тука.
Изложбата му претходи на свеченото отворање на 25-то јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на монодрама, кој започнува во сабота на 25 мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.