Галеријата „Метаноја“ во соработка со „Балканскиот институт за вера и култура“ го најавува отворањето на изложбата „Сосема обично“ на Владимир Илиевски во галерија „Метаноја“ во вторник 18 јуни 2024 година од 19:30 часот на ул. Максим Горки бр. 19 во Скопје.
За изложбата д-р Коста Милков вели:
Светлината е најобична природна појава. Таа е толкав дел од нашето искуство така што забораваме дека не само што можеме самата неа да ја видиме, туку и заради неа гледаме сѐ друго. Како што псалмистот вели, „Во Твојата светлина гледаме светлина“ (Псалм 36:9). Владимир Илиевски во сликата „Создавање на светлоста“ ги има вткаено своите теоретски знаења, сликарски вештини, креативност, контемплативност и интертекстуалност во совршен спој. „Создавање на светлоста“ го сумира целиот опус од оваа збирка на дела посветени на природата. Контрастот меѓу делот на сликата во сенка и онаму каде што е облеан во светлина е класичен пример за уметничка композиција. Набљудувачот добива впечаток дека е дел од сцената, дека се наоѓа во честакот со вегетација и е „фатен“ во мигот кога ја забележува светлината која се пробива низ крошните. Тука на ова темно место и под закрилата на древните дрвја светлината се прикажува во сета своја автентичност.“
На изложбата ќе се обрати рецензентот д-р Коста Милков и директорката на Галерија „Метаноја“ м-р Нада Милкова.
Владимир Илиевски е роден во 1989 г. во Скопје. Во 2012 г. дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Катедрата за сликарство. Од 2012 до 2023 г. реализирал петнаесет самостојни изложби во: Скопје, Битола, Охрид, Делчево, Струмица, Ботевград (Р. Бугарија) и Нови Сад (Р. Србија). Учествувал на повеќе групни изложби во земјава и странство. Автор е и на два мурали, во Скопје и во Струмица. Учествувал на десетина ликовни колонии во: Охрид, Струга, Струмица, Велес, БиХ, Р. Бугарија, Р. Србија. Добитник е на 7 национални награди. Од 2012 г. член е на ДЛУМ, а од 2022 член е и на ДЛУБ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.