Изложбата насловена „Професори и студенти“ ќе биде отворена вечерва во галерискиот простор на Младински културен центар (МКЦ) во Скопје.

Изложбата ќе опфати дела изработени од студентите и професорите од факултетите и школите за уметност и дизајн, меѓу кои и од Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Меѓународниот балкански универзитет (МБУ), Факултетот за дизајн и мултимедија (ФОН), Арт и дизајн при Европски универзитет, Факултет за уметност при Државниот универзитет во Тетово и Школата за дизајн и уметност „Скала“.

Главна цел на настанот, како што потенцираат организаторите, е широкиот спектар на наставни програми со кои располагаат приватните и државни универзитети во земјава и потенцирањето на разликата меѓу нив, како и актуелизирање на наставните потенцијали и квалитетот на нивните ученици со дела од областа која ја студирале.

Ќе биде претставен селектиран избор на веќе етаблирани автори, но и оние чиј потенцијал допрва ќе се развива, уметници од различни генерации, сликари, графичари, фотографи, скулптори, илустратори како и претставници од модниот дизајн и индустрија, кои посветено работат на полето навизуелните уметности години наназад.

Индивидуалитетот на секој од авторите и влијанието на менторот кој стои зад нив ќе овозможат изложбата да понуди една вистинска стилска и тематска разнообразност во ликовниот израз, која во иднина може да биде само уште еден предизвик во поривот за развој на сопствениот, индивидуален специфичен опус и ќе придонесе на изложбата да бидат застапени речиси сите техники и изразни медиуми, без било какво ограничување, стои во соопштението.

Организатори на изложбата што ќе трае до 21 јуни се Град Скопје и Младинскиот културен центар.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.