Во понеделник, 5 февруари 2024 година во Галеријата на Младинскиот културен центар во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Над бескрајот на стените“ на Зоран Лазаревски.
Зоран Лазаревски е роден 29.07.1949 година во Скопје.
Завршил училиште за применета уметност „2 Август“ во Скопје 1965-1970 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград 1975 година, во класата на професор Марко Крсмановиќ, отсек ликовна графика. Член на ДЛУМ од 1976 година. Самостојно изложувал на повеќе места, Скопје, Струга (1993) , Струмица (1993 и 2023 год.) Учествувал на сите групни изложби кој ги организирал ДЛУМ, како и излагања надвор од земјата. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои наградата „Графика на Белградскиот круг“ 1976 година, Признание на „Ликовни средби“ во Суботица истата година, откупна награда на Музејот на современата уметност „Млада генерација 77“ , повеќе откупни градски награди од општински и републички карактер, како и награда на библиотеката „Св. Климент Охридски“ и „ДЛУМ-цртеж“ во 1992 година. И учесник е на првите изложби на Зимски салон на што ги организираше ДЛУМ. Исто така е присутен на Меѓународно графичко триенал на графика што се организираше, првото во Битола 1994 и преставник на редакцијата Нова Македонија за доделување на наградата на весникот Нова Македонија на сите графички триенала во Битола. Од 1975 до 2013 година е ликовен уредник на весникот Нова Македонија и добитник е на специјална награда по повод 60 години на весникот Нова Македонија за дизајн опрема на весници, книги, монографии, плакати, брошури и секаков вид на дизајн.
За уметноста на Зоран Лазаревски, писателот Глигор Стојковски вели:
Не еднаш и не еден уметник занемено стоел пред совршените, беспрекорни творби на природата; и секој отсекогаш сакал барем да се доближи до чудесните форми и бои, да ги одгатне таинствените пораки што тие ги упатуваат – древни, вечни, секому важни.
Природата е ненадминат уметник; речиси нема некој, кој и да е, кога и каде да било, макар мигновено да не ја почувствувал нејзината семоќна рака, полноводната кристална река што струи низ неа. Многумина ќе поитаат да понудат одговор и објаснување, но мудриот Сенека би рекол – „Премногу сме смртни за да го спознаеме бесмртното.“
Оти – креативната моќ на природата е таква: бесмртна – бесконечна, непредвидлива, недостижна… неповторлива. Во неа (по)долго време тоне и Зоран Лазаревски; ќе бидете сосем во право ако забележите дека е целосно обземен, дека жедно ја пие нејзината утринска роса, дека до изнемоштеност талка по нејзините испреплетени патеки. Ја чувствува, му тежи, го избезумува магичната хармонија на боите и формите – совршенството по кое копнее, сака да го отвори, да го допре, да го впие – да го сети во себе оформено, пресоздадено, потем да го пренесе во својата рака, да го направи вистина, да биде стварноста во која самиот опстојува. Не е обичен, бесцелен, талкач по рудините и по сртовите. Ги бара и ги наоѓа, белезите во нив,тие се нечиј здив, нечија искра во погледот, нечија воздишка. Втиснати се во стените, во камењата, во карпите, незабележливи веднаш и за сечие око, безначајни, скоро, за сите кои заитани и безумни ги одминуваат. Но Зоран застанува, ги чувствува, ги гледа, ги открива, го вознемируваат, го тревожат, сака да продре во нив, во нив да се објасни себеси. Како се буди детето во него, она кое еднаш, пред пет-шест-седум децении скокало од еден на друг камен, од еден цртеж на друг – несвесно избирајќи ги само избраздените, украсените, камењата што денес, по толку живот, во сегашната доба се враќаат во него како бликнат вруток на раскошната имагинација, на радосната рака која трепери над нив, занесена, зачудена. Овие цртежи, овие слики што веќе ве обземаат, се отворен дијалот меѓу него – вешт, тивок, задлабочен уметник и уметникот што којзнае од кога, којзнае како, којзнае со каква цел ги создавал, ги оформувал, ги осмислувал, им давал смисла, ги испратил до него – да ги види, да ги открие линиите, шарите, небаре зборови можеби не за најголемите тајни, но секако за најголем вознес, за возбуда што Зоран Лазаревески толку даровито ни ја пренесува на сите”.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 21 февруари 2024.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.