Во објектот Чифте амам во Старата скопска чаршија вечер ќе биде отворена ретроспективно-јубилејната изложба на Миле Корубин (1922-2000). Како што најавува Националната галерија, се работи за грандиозен проект, омаж посветен на Корубин во рамките на програмата за одбележување на јубилејот – 75 години постоење.
На отворањето на изложбата ќе се обратат директорката на Националната галерија, Старова Ќерими, академскиот сликар Рубенс Корубин и историчарот на уметност, Кирил Пенушлиски.
Изложбата за публиката ќе биде отворена до 27 октомври 2023 година, а кураторки се Маја Неделкоска Брзанова, виш кустос и Маја Чанкуловска Михајловска, виш кустос.
Поттик за организирање омаж посветен на Миле Корубин (роден на 28 септември 1922 година во Прилеп, а починал на 13 септември 2000 година во Скопје), еминентен македонски сликар, е одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање. Овие јубилеи се базични поводи преку кои Националната галерија, како институција која седум и пол децении се грижи за чувањето и заштитата на дел од движното културно наследство од историјата на уметноста на нашата земја, континуирано ги презентира врвните национални културни достигнувања. На оваа примарна визија, мисија и функција се надоврзуваат и нашите заложби за константно потсетување за особените специфики на значајните легати од творештвото на големите уметници од модерното македонско сликарство и скулптура, преку селекција и претставување дела кои се наоѓаат во повеќе државни и јавни институции од земјава, како и во приватни колекции, се наведува во најавата.
Корубин припаѓа на првата генерација ликовно образовани македонски уметници кои, по Втората светска војна, се школуваа во центрите на југословенската држава (Белград, Загреб, Љубљана). По отворањето на Уметничката школа во Скопје, тој станува еден од нејзините први ученици, каде што посетувал настава кај бардовите основоположници на македонската ликовна мисла: Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димо Тодоровски, Василије Поповиќ-Цицо и Томо Владимирски. Миле Корубин е воедно и првиот академски образован македонски сликар по Втората светска војна, дипломиран 1951 година на Ликовната академија во Белград, каде што ги следел педагошките поуки од професорот Мило Милуновиќ, а потоа особено од Петар Лубарда и подоцна на Миќа Поповиќ, како дел од сликарската елита на тогашна Југославија.
Корубин во генерациски рамки претставува издвоен автор кој наспроти предизвикот на новите ликовни струења избира сопствена еволутивна патека и создава карактеристичен ракопис. Тоа го потврдува и тогашната ликовна критика, која уште на самиот почеток на неговиот творечки развој го препознава како сликар што оди „спротивно од струјата и удобниот наплив на модата“. Значаен сегмент, воедно и присутен во сите фази на неговото творештво, е сензуалноста што зрачи од женските фигури и портрети и произлегува од интимното доживување на еротизмот како „раздвижувачка сила на човековиот дух“. Сместени повторно во лирски метафизички недефиниран простор, овие стилизирани и идеализирани женски претстави (портрети и актови) ја сугерираат вечната потрага по убавото испреплетувајќи го притоа реалното со имагинарното во третманот на фигурата и просторот. Фигурите, третирани без карактеристични физиономски одлики, добиваат своевидна митолошка конотација, раскажувајќи една суптилна приказна за вонвременската архетипска претстава за жената. Оттука, меката заоблена линија која го обликува женското тело, поставено слободно во метафизички обоениот простор со широки контрастни плохи, воедно и го издвојува од истиот станувајќи носечки елемент кој го следиме и во понатамошните фази, истакнува Галеријата.
Временскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува Миле Корубин меѓу најплодните македонски сликари, воедно и педагози.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.