Навистина сум возбудена вечерва особено од повишениот тон на пофалбите. Се прашувам дали тоа навистина го заслужувам, рече писателката Оливера Николова на синоќешната промоција на на десет тома со 12 реобјавени книги од творештвото за возрасни.
Ние сме тука поради моите книги од кои некои сум ги пишувала речиси пред половина век. Ви благодарам, и благодарам, како што реков, на повишениот тон на пофалбите и искажувањата. Благодарност и за „Арс Ламина“ која ми овозможи да ги видам моите дела за возрасни заедно во вакво убаво издание. Гест, кој во суштина претставува можност за преоценка од една нова генерација на она што сум го создала. Му благодарам и на моето пишување за многу важни заеднички споделувања во мојот живот. Во пишувањето влегов не само млада, туку и несвесна за сопствената незрелост. „Зоки Поки“ е плод на таа невиност. Невиност за незнаење на стапиците на зборовите, а тоа што следуваше потоа, пишувано не само со интуиција и спонтано, туку и со подготовка и со одговорност на тоа што го пренесувам, да кажам тежок збор, ме очовечи. Го прошири и го збогати до невидени размери моето битие, извлекувајќи ги на виделине неговите скриени потенцијали. Пишувањето стана, можам да речам, мој ориентир во животот. И тоа е тежок збор. Го кажувам со голема одговорност. Ориентир. Тоа ми овозможи да ги запознавам луѓето одвнатре за да знам како да ги опишам, а притоа можеби и поважно, како да научам да живеам со нив во реалноста, како да ги прифатам, да ги оправдам и да ги засакам. Ука што во најраната младост секако ми недостасуваше потполно, а која се покажа дека ми е недоволна за личностите за кои пишував и кои морав длабоко да ги запознаам пред да пишувам за нив. Како за која нова книга се определував, како се ширеше и моето тематско интересирање, така се ширеше и опсегот на моите познавања од животот, неговата многусрдност, а потоа и моето однесување меѓу луѓето. Така пополека ја освојував сопствената зрелост, со тоа и сигурноста меѓу зборивите кои ги искажуваат нашите мисли. Се разбира, им благодарам и на моите долги години што ми дадоа шанса за поправање на грешките. Многу сакам овие зборови, како што гледате, да не се однесуваат за моите дела, туку за мене. И многу сакам да верувам дека постои шанса да го засакате тоа што сум го создала и во моите искуства да пронајдете одговори и за себе, заврши Николова.
Оливера Николова е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка родена во Скопје во 1936 година. Се школувала во Струга и во Велес, а дипломирала на Филолошкиот факултет, група Југословенска книжевност, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела како драматург-уредник во емисиите за деца и во драмските програми за возрасни на Радио и на ТВ Скопје. Пишува за деца и за возрасни. Има објавено десет романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Зоки Поки“, „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“ и други, како и многубројни театарски, телевизиски и радио-игри.
За својата работа има освоено многубројни награди, меѓу кои: Наградата на РТВ Скопје и Струшките вечери на поезијата во 1966, 1975 и во 1978 година, наградата „Младо поколење“ (1978), Змаевата награда за 1983 г. за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 1983, 1998 и 2015, „Рациново признание“ за 2000 г. за „Адамовото ребро“, роман на годината на „Утрински весник“ за 2004 г. за „Куклите на Росица“, роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 г. за „Песот со тажен поглед“.
Во присуство на писателката синоќа во фоајето на Националната опера и балет се одржа промоцијата на десет тома со 12 реобјавени книги од нејзиното творештво за возрасни, во издание на „Арс Ламина“, кои се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“. Тие се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели. Тие се подарок за поколенијата!
На промоцијата се обратија академик Катица Ќулавкова („Вежби за Ибн Пајко“), Јелена Лужина („Збогум Вано, Ванке…“), Никола Гелевски („Белиот чад“), Елизабета Баковска (поговор за „Куклите на Росица“), Гоце Смилевски („Пешаци по црни полиња“), Румена Бужаровска („Куќичка“), Владимир Мартиновски („Тромбот“), Калина Малеска („Адамовото ребро“), Владимир Јанковски („Лева комора“), а видеообраќање имаа: Кица Колбе (поговор кон „Тесна врата“) и Давор Стојановски („Песот со тажен поглед“).
Модератор на настанот беше уредничката на едицијата, Оливера Ќорвезироска, која го напиша и поговорот за „Кадифената покривка“.
„Куклите на Росица“ (поговор: Елизабета Баковска)
„Куклите на Росица“ е еден од ретките македонски национално-историографски романи напишани од жена. Наспроти Оливера Николова, за ваквите (речиси романтичарски) национално-историски теми има пишувано цела една плејада македонските класици, како Петре М. Андреевски, Коле Чашуле, Стале Попов, Ѓорѓи Абаџиев… „Куклите на Росица“ е комплексен приказ на бурни и често сè уште недоволно разјаснети (или постојано проблематизирани) случувања поврзани со создавањето на македонскиот национален идентитет.
„Тесна врата“ (поговор: Кица Колбе)
Оливера Николова во својот прв роман за возрасни „Тесна врата“ ја раскажува сложената приказна за загадочното исчезнување на Петра со многу акрибија, луцидност и писателска ревност, небаре самата морала да помине низ некоја „тесна врата“. Асоцијацијата е оправдана, затоа што и таа по дваесет години успешно творештво за деца, се осмелува да го освои „непознатото“ – царството на романот за возрасни.
„Куќичка“ (поговор: Румена Бужаровска)
Се чудам како досега никому не му текнало да направи филм од овој роман. Парадоксално, иако се вика „Куќичка“, тој постојано се движи. Тој е напнат од чувството на мистерија, тој е во постојана трансформација, тој е и интимно и политички возбудлив. Иако во него среќаваме прељуба, убиство, бегство и измама, тој е цврсто втемелен во принципите на вербата во човештвото и во солидарноста. И на крајот, ова е роман што е длабоко вљубен во зборовите со кои е напишан и во културата од која произлегува, па така самиот по себе претставува дом за нашиот јазик.
„Тромбот“ (поговор: Владимир Мартиновски)
Во замрсените игри на демонстрација на (над)моќ, во овој роман секој во секого гледа притаена закана, секој очекува (а неретко и добива) нож в грб од најблиските. Лоцирајќи го дејството во поранешната СФРЈ, Оливера Николова со „Тромбот“ истовремено создала слоевита и исклучително пластична слика за уривањето и изместувањето на системот на вредности, кој се дијагностицира токму преку врските меѓу спортот и човековата природа.
„Адамовото ребро“ (поговор: Калина Малеска)
Романот „Адамовото ребро“ се издвојува во македонската книжевност по својствата на протагонистката која не се плаши од своите избори во животот, неконвенционални за времето во кое живее. Се издвојува и по интересната техника на самопреиспитување преку тоа што ги соочува сличните ликови во сосема различни временско-просторни околности. Се издвојува и по специфичното метакнижевно истражување: овде, не само што реалноста на нараторката влијае во создавањето на нејзините ликови и нејзиниот роман туку и постапките на нејзините ликови повратно дејствуваат таа да размисли за своите животни избори, понекогаш да ги промени и да им даде смисла.
„Збогум Вано, Ванке…“ (поговор: Јелена Лужина)
Автентичните писатели како Оливера Николова секогаш читаат помеѓу редовите, умеат да ги декодираат навидум „невидливите“ причинско-последични релации и интуитивно ги препознаваат оние загадочни сигнали кои „бликнуваат“ од таканаречениот поттекст. Романот „Збогум, Вано, Ванке…“ е „составуван“ токму од тој и таков материјал. Формално невидлив. Како и секоја фикција.
„Пешаци по црни полиња“ (поговор: Гоце Смилевски)
Оливера Николова во „Пешаци по црни полиња“ преку индивидуалните судбини на главните ликови ги отсликува општествените состојби и процеси во времето во кое тие живеат, а тоа е времето кое ни е добро познато: нашето „вчера“ кое траеше повеќе од две децении – времето на транзицијата.
„Белиот чад“ (поговор: Никола Гелевски)
Сложената и разгранета наративна конструкција во „Белиот чад“, како во ноар филмот, создава свет во кој преовладува чувството на отуѓеност и фатеност во стапица од која нема излез. Дистанцирани од нормалниот свет, но истовремено и нурнати во неговите мрачни текови, ликовите се обележани со некој вид дефинитивна изолираност и отуѓеност, а нивната оддалеченост од стварноста станува безнадежна.
Оливера Николова е одлична портретистка, виртуозна создавачка на атмосфера и неуморна барачка на суптилни детали.
„Вежби за Ибн Пајко“ (поговор: Катица Ќулавкова)
Историјата и народното предание ѝ служат на Оливера Николова да создаде своја авторска приказна за некои човечки судбини карактеристични за балканските простори. Контактите меѓу историската стварност, народното предание и колективната меморија го прават светот на „Вежби за Ибн Пајко“ да биде живописен. Авторката нема цел во својот роман да прикаже една историска вистина, туку да покаже дека е кревка границата меѓу историската вистина и илузијата: и вистината може да стане илузија, и илузијата – вистина.
„Песот со тажен поглед“ (поговор: Давор Стојановски)
„Песот со тажен поглед“ не е исклучиво историски или воен роман, туку е повеќе роман за тоа како војната го втиснува мрачниот печат врз индивидуата, за последиците што војната ги остава врз телото и врз психата на оној што излегол од борбата, но и за ронката хуманост што, случајно или не, останува надвор од човекот и е сместена во очите на животното што најчесто го сметаме како наш најчест домашен миленик.
„Кадифената покривка“ (поговор: Оливера Ќорвезироска)
Задачата што Оливера Николова си ја поставила себеси во „Кадифената покривка“ е да ги оживее личните приказни на убијките, да ги открие и долови мотивите на злосторствата, да ги дешифрира и да ги „реши“ според одличната, проверена и препознатлива сопствена раскажувачка формула; да ги направи разбирливи, да ги донесе блиску пред нас, да ни ги послужи на подавалникот на можното, да ги вгнезди во едно обично секојдневие, во една обична стварност каква што е оваа околу нас.
„Лева комора“ (поговор: Владимир Јанковски)
„Лева комора“ е книга за опачината на појавите и нештата. За личните погледи, перцепции, доживувања и светови кои остануваат во заклучената соба на интимата. За тивката потреба да не се каже. Книга за деконструкцијата на надворешната реалност составена од согласувања и хармонии. За деструкцијата на лагите од кои многу често е изградено нашето секојдневие. Книга за женскиот крик. Често тивок и безгласен, а сепак крик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.