Годинава, на 61. издание на „Струшките вечери на поезијата“, во една длабока, симболична и суштинска смисла се римуваат и наградите. Златниот венец за 2022 се римува со наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга напишана на македонски јазик помеѓу два фестивала. Се римуваат и Шунтаро Таникава и Зоран Анчевски со своите допрени и испреплетени јазици (како поет и препејувач) и со своите блиски поетики (како поет и поет). Симболичното римување на годинашните награди и наградоносци е еден вид заокружување на универзалните творечки концепти, охрабрувачки синхроницитет и апотеоза на поезијата. Македонските поети во своите песни ги римуваа просторите со љубените, Струшките вечери годинава ги римуваат наградите, а Таникава и Анчевски си ја римуваат тишината како заедничка татковина на нивните зборови. Ова вечерва го истакна писателката и книжевната критичарка Оливера Ќорвезировска на Портретот посветен на Зоран Анчевски, добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2022 година за неговата книга „Збунети компаси“ што се доделува за најдобро поетско остварување меѓу два фестивала.

Анчевски го добива ова признание вторпат. Претходно тој ја доби истата награда за стихозбирката „Небесна пантомима“ во 2018 година.

Сѐ е толку префинето и обмислено во „Збунети компаси“, што „стрелките“ се секогаш таму каде што треба да бидат. Збунетоста е само игра на слободата со која тие покажуваат на двата севера: северот на потрагата и северот на пронаоѓањето. „Збунети компаси“ е отстојана збирка во најубавата смисла на зборот. Раскошна лексика, прибирање на загубените зборови и чување во песна. Нема поубав начин од тоа за еден јазик. За едно пеење. Цибрини, боринки, ѓерѓефи, ибришими, синори, кандилки, коткања, забели, басри, ноќви, шикли… и едночудо други лексички длабења во слоевиот поетски јазик, истакна Ќорвезировска.

Во фоајето на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, беше претставен и Портрет на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, Џерардо Мазучо, награда што „Струшките вечери на поезијата“ ја доделуваат за најдобра дебитантска поетска збирка од млад автор.

Стихозбирката „Дотука живеел човек“, веќе наградена во Италија со „Премио Камаиоре“ и „Премио Сан Доменикано“, донесува 64 лирски песни во кои младиот и сензибилен поет стои исправен пред тајната на животот, соочувајќи се со најразновидните искушенија, претставувајќи и преточувајќи во стихови фрагменти, делчиња или „фиокички живот“, чии клучеви останале затурени низ времето. Ова творештво, оценето како високо рефлексивно и филозофско, некои критичари, како Џована Розадини, на пример, го сместуваат во рамките на егзистенцијализмот, или попрецизно на пост-егзистенцијализмот, истакна Анастасија Ѓурчинова.

Маузочо, пак, истакна дека животот не би му имал смисла без литература.

Литературата за мене претставува кајче при бродолом. Па, сепак, ако тој пат за бегство е спас за бродоломникот на кого бродот му тоне под нозете, ако значи преживување и ако тој бродоломник му должи бескрајна благодарност, не треба да се мисли дека човек запловува во море со цел да заврши качен во некое кајче. Не, не можам да речам дека сум роден за литература, но можам со сигурност да тврдам дека литературата го направи возможен мојот живот, рече Мазучо.

Во рамките на програмата беше организирана и вечер на национална поезија посветена на хрватска женска поезија, како и претставување на книгата Антологија на поезија и музика.
Меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ беше отворена синоќа, со палење на фестивалскиот оган на терасата во хотел „Дрим“ и поетското читање „Меридијани“.
На „Струшките вечери на поезијата“ присуствуваат над 20 поети од странство и 30-ина од државата, а годинашното издание се одржува под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“.

Свеченото затворање на фестивалот, традиционално ќе биде в недела, на 28 август на Мостот на поезијата, со традиционалното поетско читање „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“,„Браќа Миладиновци“ и наградата „Мостови на Струга“ која „Струшките вечери на поезијата“ и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.