Во четврток, 15 декември, во 19 ч., во галеријата К18ВД-30 – изложбениот простор на историскиот Ветрињски дворец во Марибор, Словенија ќе се отвори 20-тата самостојна изложба на уметникот Оливер Мусовиќ со наслов „Активен програмиран одмор: мини голф”. Изложбата е резултат на едномесечниот престој на Мусовиќ во резиденцијалната програма за уметници „Соба За Гости Марибор” на здружението Пекарна Магдаленски Мрежи Марибор.
Оливер Мусовиќ на изложбата преставува нови, досега неизложувани дела – две фотографски серии, реализирани во Охрид (2019-2022) и во Марибор, преку кои прави компаративна анализа на слободното време во социјалистичка Југославија, документирајќи ги остатоците од материјалната култура на „активното одморање”, во овој случај, два многу слични рекреативни објекти – терени за мини голф, на две оддалечени географски локации – Охридското Езеро и брегот на реката Драва во близина на Марибор, кои некогаш биле во заедничка држава.
Развојот на туристичката индустрија беше политички, економски и социјален проект на југословенската федерална држава и клучно поле на социјалната интеграција, чија цел беше работниците да се претворат во потрошувачи на слободно време „со цел”. Туризмот и патувањето се значајни општествени феномени кои се развиваат од култура на елитата, во масовен феномен во текот на 20. век. На политичко ниво, туризмот беше важен предмет на социјалните и националните политики во создавањето на социјалистичката држава. Експертите за туризам и социолозите во тоа време се спротивставуваат на концептот на „целосен одмор” заснован на спиење и сончање, со идеите за рекреативен туризам, превентивен одмор, врамен во доктрината за „активно програмиран одмор”.
Делото го дефинира „пејзажот” како симболична средина создадена од човечки чин на доделување значење на природата и животната средина. Овие пејзажи ги рефлектираат самодефинициите на луѓето во специфичен културен контекст и динамично одговораат на тие променливи дефиниции на луѓето за себе.
Двата локалитети имаат слична историја, се развиваат како дел од поголеми туристички комплекси – Хотелот-одморалиште „Орце Николов” во месноста Свети Стефан и Мотелот „Језеро” во Брестерница при Марибору, и поминуваат низ сличен процес на приватизација по падот на Југославија и веќе не се функционални. Сега, двата бетонски терени имаат многу сличен скулпторски и речиси археолошки квалитет што иницијално го привлече уметникот.
Дел од фотографиите од Марибор може да се видат тука (YouTube). Изложбата ќе биде отворена до 20 јануари, 2023 година.
Оливер Мусовиќ (1971) самостојно изложувал во Македонија, Швајцарија, Словенија, Србија, Австралија и Црна Гора. Учествувал на бројни групни изложби на современа уметност низ целиот свет. Учествувал и на резиденцијални престои во Германија, Чешка, Швајцарија, Кореја, САД, и Франција. Негови дела се застапени во повеќе јавни колекции и се публикувани во повеќе публикации – прегледи на современа уметност од најзначајните светски издавачи на уметничка литература.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.