Меѓу активностите на кои Кинотеката е посебно горда – сигурно спаѓа и издавањето на „КИНОПИС – периодичното списание за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности“ – кое излегува, единечно или како двоброј, еднаш до двапати годишно. А држејќи чекор со дигиталната ера и дигитализацијата, Кинотеката, на својот сајт (www.kinoteka.mk) – ги има приложено и дигиталните верзии на изданијата на КИНОПИС: од првиот број на списанието, па до бр.55-56 (во PDF-формат) – за широката филмска публика, како и за сите проучувачи и проследувачи на филмот и филмската култура кај нас...
…
Во декември 2021 година – од печат излезе најновото, овојпат и јубилејно издание на списанието: КИНОПИС бр.59-60.
По тој повод – На 18. Март (петок), 2022 г., во кино-салата на Кинотеката, со почеток во 12 часот – ќе се одржи мала пригодна презентација на овој број на списанието – со што ќе го одбележиме јубилејното, 60. издание на КИНОПИС.
…
Списанието КИНОПИС е природен наследник на кинотечниот магазин „Кинотечен месечник“ (кој излегува од 1977 до 1987 година), чии изданија во македонската филмска историја и теорија имаат статус на своевидни „Филмски тетратки“, по урнекот на легендарниот магазин за филм „Cahiers du Cinéma“ („Филмски тетратки“), основан во 1951 година во Париз: еден од основачите е Андре Базен (André Bazin), филмски критичар и теоретичар со светско реноме, за кого се смета дека имал пресудно влијание во лансирањето на францускиот „нов бран“...
Првиот број на „Списанието за историја, теорија и култура на филмот и на другите уметности КИНОПИС“ – излезе во 1989 година.
„… И така во текот на таа 1988 година и во неколку месеци од следната 1989 се обликуваше концептот, се прибираа текстови… Беше постигнат договор списанието да се печати во печатницата на Нова Македонија, а ликовно-графичкото обликување да го направи Костадин Танчев-Динката. Роберт Јаки ја изготви хронологијата на фотографските пронајдоци (како претходници на филмот), а свои трудови дадоа: Мирослав Чепинчиќ, Катица Трајковска, Сузана Милевска, Павлина Гргуревиќ, Цветан Гавровски, Ѕвонко Ѓокиќ, Благоја Куновски, Георги Василевски, Конча Пирковска, Стојан Синадинов, Љубомир Костовски, Слободан Петровиќ, Борис Ноневски, Дубравка Рубен, Игор Старделов и мојата маленкост. Во првиот број беше поместена и Декларацијата од Делфи – Европската аудиовизуелна повелба. Со кориците (внатрешни и надворешни) накусо ја раскажавме природата на филмот: предна (надворешна) – прикажувач на латерна магика (гравура од Гаварни); предна (внатрешна) – Тишина, се снима! (Вон Штернберг на сет); задна (внатрешна) – Бастер Китон со големи ножици пред монтажна маса; задна (надворешна) – Бастер Китон меѓу два вагона, премрзнат, патува во непознат правец! Како филмот, на почетокот! Се сеќавам…“ – вели првата главна и одговорна уредничка на КИНОПИС Илинденка Петрушева, од 1989 до 2016, по повод 30 годишнината на списанието, поместено, секако (!), во КИНОПИС бр. 55-56.
Сеќавањето на Петрушева за животот и приклученијата на КИНОПИС продолжува понатаму:
„…КИНОПИС во својот поднаслов ја има дефиницијата за неговите цели: списание за историја, теорија и култура на филмот и на другите уметности. Филмска уметност, филмска култура, филмска едукација! И сето тоа во корелација со другите уметности! Ваквото дефинирање на списанието ги наметна, се разбира, и рубриките, некои постојани, а некои според потребите: Историја, Теорија, Архивски трезори, Македонска филмска сцена, Автори-филмови, Аматерски филм, Гледишта, Есеи, Истражувања, Поводи, Портрет, Македонски филмски дејци, Светско филмско наследство, Стрип, Телевизија-видео, Филмот и информатиката, Филмот и театарот, Филмот и музиката, Филмот и ликовните уметности, Фотографија, итн., итн... Еден широк спектар на теми кои отвораат бескрајни хоризонти на сознанија. И сето тоа – со една исклучителна плејада авторски имиња…!“
…
Во изданието на КИНОПИС бр. 49–50 – поместена е и „Библиографијата на списанието за историја, теорија и култура на филмот и на другите уметности ’Кинопис’ – од бр.1 до бр.50“.
„…Значи, за да видите кои се тие исклучителни авторски имиња, погледнете го КИНОПИС број 49/50. А јас во оваа јубилејна пригода ќе спомнам само некои странски автори кои беа наши дологогодишни соработници – Дејан Косановиќ, Марјан Цуцуи, Мато Кукуљица, Хрвое Турковиќ, Ранко Мунитиќ, Јелена Лужина, Петар Карџилов, Анте Петерлиќ, Младен Буриќ, Костадин Костов, Мирон Черњенко, Рон Холовеј, Вјекослав Мајцен, итн…“ – си припомнува Петрушева по повод 30-годишниот јубилеј на списанието, а ние ве потсетуваме на тоа, и Ве покануваме да го сторите истото – како и да ни дојдете на одбележувањето и презентацијата на јубилејното издание на КИНОПИС бр.59-60, за 2021 година…!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.