Актерската екипа која играше во култната претстава во кумановскиот театар во далечната 1971 година, беше наградена со благодарници што им ги врачи министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска.

На свеченоста присуствуваа актерите Љубица Гојковиќ, Ѓорѓи Андов и Илија Струмениковски, ќерката на Васил Иљоски, Снежана Наумовска, како и потомци и членови на семејствата на останатите учесници во претставата.

Би сакала да им се поклонам и да им се заблагодарам на сите пензионирани актери кои ја оживуваа сцената на кумановскиот тетара и неуморно го градеа.Тоа се Љубица Гојковиќ, Ѓорѓи Андов, Илија Струмениковски кои се се уште активни, служејќи како живо олицетворение на трајното наследство на претставата. Меѓу нив и актерката од Белград Милојка Ковачевиќ. Препознавајќи ја посветеноста и страста на овие уметници се потсетуваме и на покојните актери кои не се веќе меѓу нас. Нивната посветеност на актерството и незаборавните настапи оставија неизбришлива трага на македонската театарска сцена и во нашето срце, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.

Покрај присутните актери на кои им беа врачени благодарници, постхумните признанија за останатите актери од „Бегалка ги примија нивните наследници: Љубица Гојковиќ за нејзиниот татко Ѓоко Николовски, Љубица Величковска во име на таткото Боро, Наталија Петковска за Кирил Петковски, Марјана Варџиска во името на мајка и Љупка, Олга Христовска за таткото Момир, Маргица Антевска за татко и Трајко, како и Дана Јовчевска во името на незиниот татко, режисер на претставата Драгољуб Димевски и Снежана Наумовска ќерка на авторот на драмата Васил Иљоски во името на македонскиот драмски писател.

„Бегалка“ или популарно наречена „Ленче кумановче“ е белег на современата македонска драматургија. Омилена драма на кумановски дијалект која стана трајно културно наследство во драмската литература и во театарската историја на земјата. Не поврзува со нашите корени и дава чувство на припадност преку културните изрази. Делото ги пренесува нашите приказни, обичаи и колективна меморија на генерациите после нас.

Денеска го славиме и огромниот придонес на Васил Иљоски како академик и еден од основачите на Друштвото на писатели на Македонија. Неговата посветеност за зачувувањето и унапредувањето на македонската литература продолжува да ја инспирира и обликува културната слика на нашата нација. Вечно да ја славиме Бегалка како силен белег на македонското културно наследство“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.