Вработените во Македонската филхамонија денеска во 12.30 часот ќе одржат протест пред Владата , бидејќи се уште нема решение, а како што велат, ниту интерес од државата за решавање на проблемот кој настана со носењето на одлуката просторно да се смести уште една институција во концертната сала која е изградена за Филхармонија.

Вработените во Македонска филхамонија не протестираат против џез-оркестарот, како што одредени новинари и поединци сакаат да ја извртат вистината во последниве три месеци. Вработените во Филхармонија протестираат бидејќи не дозволуваат во нивниот простор, зграда, објект наменски изграден да ги задоволи потребите на единствениот симфониски оркестар во земјата да биде сместена уште една институција.

Нашата борба да си го зачуваме работниот простор кој го добивме по 77 години потстанарски живот во објекти кои не го биравме ние, туку одевме каде што ќе ни сугерира државата и никогаш не се побунивме поради тоа – продожува и нема да запре! Со ист жар и посветеност ќе се бориме и против лажните вести кои редовно и оркестрирано се пласираат во јавноста со една единствена цел – да се извртат вистината, аргументите и фактите кои се на наша страна, стои во соопштението од Филхармонија испратено до медиумите.

Вработените во Филхармонија потсетуваат дека објектот е изграден да ги задоволи потребите на единствениот симфониски оркестар во земјата. Тоа е првичната и единствена намена на концертната сала на Филхармонија.

Тоа што некој сега сака насилно да ја изврти намената на овој објект е симптоматично и само по себе зборува дека некој заткулисно сака да истера свои лични интереси.

Свесни дека културата секако не е приорет, кога ќе се спореди со животозагрозувачките проблеми кои ги мачат граѓаните вработените во Филхармонија потенцираат дека тоа не значи дека традицијата создавана со децении треба да се избрише за час. Нивниот револт е кон државата, која не покажува интерес за решавање на проблемот.

Нашата држава досега не покажа интерес за решавање на проблемот, и со тоа потврди дека нема интерес ниту за култура, ниту за традиција, ниту за трајни историски вредности. Личните интереси, непрофесионалноста, неукоста и бесрамноста се принципи по кои се водат нашите политичари кои немаат интерес да ги решат клучните проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Културата секако не е приорет, кога ќе се спореди со животозагрозувачките проблеми кои ги мачат граѓаните, но, тоа не значи дека со неподнослива леснотија треба да се избрише традицијата создавана со децении. Затоа, нашата борба нема да запре, се до конечната промена на штетната одлука која ја донесе Владата, велат од Филхармонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.