Издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје в сабота, на 29 октомври ќе го започне проектот „Добри гости“ преку кој ќе иницира серија книжевни гостувања на автори од Скопје во внатрешноста на земјата на заеднички читања со локални автори и во соработка со локални чинители.
На првиот настан во Штип што ќе започне во 19:30 часот ќе гостуваат дваесет домашни писатели и поети и тоа Лилјана Пандева, Владимир Мартиновски, Андреј Ал-Асади, Николина Андова Шопова, Андреј Медиќ Лазаревски, Иван Шопов, Марија Ангеловска, Стефан Костоски и Јулијана Величковска, а домаќини ќе бидат Павлина Атанасова, Марија Велинова, Марија Шаклева, Трајче Кацаров, Милена Ристова-Михајловска, Искра Постолова, Матеја Богдан, Макрина Јорданова и Ребека Спасова.
Покрај нив, посетителите на настанот, како што информираат организаторите од издавачката куќа „ПНВ Публикации“, ќе имаат можност да се запознаат и со творештвото на поетите Иван Херцег од Хрватска и Марија Костиќ од Србија.
Во најавата пишува дека по настанот, публиката ќе има можност да се сретне со авторите во пабот „Онли фулс енд хорсес“.
„’Добри гости’“ ќе се состои од читање поезија и проза, емитување поетски и други краткометражни филмови поврзани со литературата, разговори со автори, со издавачи, разни трибини, книжевни промоции, работилници и слично. Овие гостувања би се случувале во повеќе градови, во период од околу една година. Планирано е иницијативата да заврши со маратонско книжевно читање во Скопје, на кое, доколку се во можност, би учествувале сите вклучени автори“, велат организаторите.
Поетските филмови што ќе бидат прикажани како дел од настанот се изработени за проектот „Стиховно мапирање на Скопје“ од Марија Шаклева, Сандра Ѓоргиева, Диме Данов и Валентина Бакти, а тие претходно беа премиерно прикажани на второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“.
Настанот ќе го водат Јулијана Величковска и Андреј Медиќ Лазаревски.
Локални поддржувачи на настанот се: НУЦК „Ацо Шопов“ ‒ Штип, „Онли фулс енд хорсес ‒ паб бар енд грил“ и винарницата „Киево“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.