Издавачката куќа „Или-Или“ го објави романот „Црвените очи“ на белгиската писателка и новинарка Миријам Леруа. Преводот од француски е на Светлана Јовановска.
Во својот втор роман Леруа ни пренесува дел од нејзиното искуство од разговорите на социјалните мрежи со човекот кој во книгата го носи името Денис. Таа одговара на неговата покана за пријателство, охрабрена што имаат неколку заеднички пријатели на Фејбук. На почетокот, епистоларното пријателство се сведува на речиси симпатична размена на животните приказни.
Но, стапицата полека се затвора над жртвата. Таа ги одбива неговите покани за кафе и еден ден, вознемирена од неговата упорност, го отстранува од списокот пријатели. Свесна дека тој „клик“ може многу да ја чини. И навистина. Денис ја покажува својата грда страна. Тип со екстремно десни ставови, расист, исламофоб, човек кој не може да ги поднесе феминиститките. Тип што сака да ве сомеле и понижи. Накусо, Денис е претставник на токсичните интернет насилници што толку често ги среќаваме на социјалните мрежи и што ја злоупотребуваат слободата на изразувањето и недостигот на законодавство за виртуелното насилство.
Со оригинален стил на размена на пораки, Леруа до болка го опишува очајот во кој ја втурнуваат грозните пораки на Денис и на неговата виртуелна банда следачи. Тие кон жртвата испраќаат не само закани за силување и убиство туку и изместена и грда дефиниција на ликот на хероината во која таа буквално се губи. Обичниот „чет“ на младата новинарка со Денис се претвора во пекол за неа и повеќе на станува збор само за вознемирување туку за токсично виртуелно насилство. Последиците врз физичкото и ментално здравје на жртвата немаат повеќе ништо виртуелно.
Во потрага по решение, таа се соочува со рамнодушноста на нејзините блиски. Нивните совети од типот „блокирај го“, „не одговарај на пораките“, „исклучи се од социјалните мрежи“, „опушти се“, „оди на одмор“, само го акцентираат неразбирањето на околината за нејзиниот очај. Леруа го опишува маратонскиот пекол на жртвата помеѓу полицијата, докторите, адвокатите, алтернативните начини за лекување…. редица неуспешни обиди да најде лек за нејзината мака.
Леруа успева, со својот роман, да ја истакне актуелноста и итноста на овој проблем во денешниот свет. Да го отвори прашањето на неспособноста и немањето политичка волја на институциите, неподносливата затвореност на оопшеството. Виртуелното насилство не е само проблем на жртвата. Туку заеднички општествен проблем што го живеат над 70 отсто жени и што понекогаш ги води во трагедија.
Миријам Леруа (1982) е белгиска новинарка и писателка, живее и работи во Брисел. Таа се смета за писателка што ги вкрстува уметноста и новинарството и многу често го користи сопствениот живот како примарен материјал за обработка. Леруа отвора деликатни прашања со брутална искреност, ги постила пред јавноста табуата на нашето општество, особено сексистичките, тие што сакаат да ја замолчат жената.
„Црвените очи“ е нејзиниот втор роман. Текстот е адаптиран и за театар.
Леруа е автор на документарецот „#Валканакурва„ со сведочења на жени од повеќе земји, меѓу кои и од Македонија, за алармантниот онлајн говор на омраза и мизогинијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.