Во чест на денот на жената и борбата за правата на жената, а во склоп на акцијата „Силни женски гласови“, „Антолог“ го објави романот за слепата љубов, насилството и капитализмот од данската книжевна надеж Аста Оливија Норденхоф. Базиран е на вистински настан – пожар на патнички траект во 1990 година, во кој загинаа 159 луѓе. Иако настанот е реален, ликовите се фиктивни.

Жена патува со автобус низ јужна Данска. Кога погледнува низ прозорецот, пред неа се појавува лик на маж со бела коса. Заслепена е од неговото лице, но не го препознава. Повторно се качува во автобусот, овој пат патувајќи во спротивната насока, и се симнува на местото каде што ѝ се појавил ликот на човекот. Во моментот кога се доближува до една куќа и заѕвонува на ѕвончето, пред неа се откриваат слики од животот на двајца луѓе, Курт и Меги.

Сопружниците живеат на фарма во своите подоцнежни години. Тука Курт ја започнува својата мала автобуска компанија, додека Меги води тивок живот, тонејќи во спомените. Во куќата тие се љубат и се караат. Како што изминуваат годините, караниците се сè почести, сѐ додека нивната врска не се распадне, оставајќи ги само со чувство на апатија. Тоа што на почетокот е пламена страст почнува да венее, а насилното минато и финансиските проблеми сѐ повеќе се испречуваат помеѓу нив. По нејзината смрт, еден бизнисмен го охрабрува Курт да инвестира во траект што ќе плови помеѓу Данска и Норвешка. Набрзо ги губи сите вложени пари откако траектот ќе изгори. Ги поминува своите последни денови сам и во сиромаштија. Спомените го измачуваат и почнува да ги слуша криковите на првородениот син.

Романот е наречен „најамбициозен книжевен потфат за 2020 година“.

Аста Оливија Норденхоф (1988) е данска писателка. Студирала на Данската академија за креативно пишување, каде што денес е професор. Досега објавила два романа и збирка поезија. Трите книги се наградени со престижни награди. „Болка во џебот“ е замислена како прва книга од септологијата наречена „Скандинавска ѕвезда“. Од издавањето романот е продаден на осум територии и ги добива наградите „Пер Улоф Енквист“ и Наградата за литература на Европската Унија за 2020 година.

Во изданието на „Болка во џебот“ на македонски јазик преводот од дански е дело на Лара Крстева-Ичокаева, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија и на Министерството за култура на Република Македонија.

За преведувачката: Лара Крстева-Ичокаева е родена во 1971 година во Скопје. Завршила гимназија во Еснес, Данска. Дипломирала германски и француски јазик и литература во Загреб, Хрватска. Магистрирала во Женева, Швајцарија,од областа на современата француска литература. Работи како раководител на Германската стопанска комора во Република Македонија. Преведува од дански, германски, француски, српски и од хрватски јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.