Неодамна од печат излезе драмскиот еп „Нож“, на македонскиот драмски писател Зоран Пејковски, кој ни ја дава реалната слика за познатата битка на „Ножот“ која се случи на 14.07.1907 година, точно пред 115-години.

 

Македонскиот драмски писател, драматург, сценарист, поет, прозаист, публицист, театролог и единствен натуралист во македонската литература, Зоран Пејковски, неодамна го објави својот најдов драмски еп „Нож“, кој претставува најзначајно книжевно дело од македонската историја.

Убаво се знае во македонската историја, дека по Илинденското востание, битката на Ножот се памети како најкрвав настан. Токму по тој повод, но и по повод 115-годишнината од битката 1907-2022 година, излегува ова драгоцено книжевно дело кое е со пролог и епилог, а рецензенти се: проф. д-р Виолета Ачкоска и доц. д-р Славчо Ковилоски.

За овој несекојдневен и значаен историски настан, односно за драмскиот еп „Нож“, проф. д-р Виолета Ачкоска, меѓу другото ќе напише:…„Епопејата на Ножот, пеколна смрт на 54 млади македонски јунаци во јули 1907 година, е длабоко врежана во колективната меморија на македонскиот народ – со возвишеноста и трагичноста на чинот, со поуката СЛОБОДА ИЛИ СМРТ за сите идни генерации Македонци. Херојство пред кое и непријателските војници ги симнале капите. Пред јунаците, пред нивниот јуриш во смртта, за да останат запишани во бесмртноста.

Раздвижени чети на Внатрешната македонска револуционерна организација се распоредуваат низ Прилепскиот Регион како засилување за борба против сè поагресивните пропаганди на соседите и нивните вооружени чети – српски, грчки, бугарски и против турските власти што вршат невидено насилство врз народот. Во нив сè уште врие одмазадата за Илинденското востание.

Тие на Ножот беа оставени сами. Педесет и четири јунаци на Организацијата наспроти 3.000 османлиска војска. Предавство од туѓите, предавство од своите. Всушност, како нишка низ драмските сцени мириса грозното сениште на предавството. Пејковски ги става пред судот на историјата оние што ги оставиле своите другари во смртниот круг на Османлиите. Така, читајќи ги прекрасните епски стихоредови, во вас ќе се всади мислата дека трагичната приказна за битката на Ножот, за младите стројни јунаци кои тука останаа за да умрат, е само повод или сцена за сите предавства, делби и крвопролевања на македонскиот народ; за многуте саможртви, најчесто заради предавство од „своите“. Пред вас се редат тешки монолози на личности, обраќања кон минатото, сегашноста и иднината, со кои сфаќате дека ништо, ништо не се променило“….

Воедно, кон целиот овој настан, кој е даден и во драмскиот еп „Нож“ ќе се осврни и доц. д-р Славчо Ковилоски, кој меѓу другото ќе напише:…„Вметнувањето на епиката, односно лирското обликување на драмата, Пејковски го остварува со внимателен одбир на термини што треба да побудат патриотско-романтичарска возбуда, но и преку внтарешни отсликувања на карактерите на актерите на овој настан за да дадат слика на емоционалните состојби на најголемиот дел од учесниците во битката.

Драмата е поткрепена со повеќе историски извори, а е надополнета и со низа усни преданија што до ден-денес се прераскажуваат во околните села на Ножот.…. Следејќи ја документаристиката исполнета со најразлични факти, авторот се обидел да го овековечи најголемиот судир меѓу револуционерните чети и аскерот по Илинденското востание.

Последната, седма сцена е најкратка и се одвива скоро по четириесет години подоцна, односно во 1943 година, кога последните преживеани коишто се сеќавале на несреќната 1907 година и одржувале панихида секое лето, се пресретнати од бугарски војници и сите се убиени. Во неа зборува само духот на војводата Атанас Попов оплакувајќи се од „македоноубијците“, господарите и окупаторите….

Како што можевме да видиме, тажната судбина на учесниците во оваа епска битка е главната инспирација на Зоран Пејковски. Неговиот јазик е лиризиран, потопен со романтичарски патос, а главните ликови се умешно изградени со силни внатрешни чувства. Истовремено, преку реминисценции и актуализирајќи, но и проблематизирајќи одредени сегменти од епопејата на Ножот, Пејковски успеал да изгради убаво четиво, издржан драмски текст, структиуран лесно и едноставно, но содржински богат и компактен и што е најважно, читлив и изведлив“…

Што се однесува до авторот Зоран Пејковски, би требало да се истакне дека тој е доцент од областа Драматургија на Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот универзитет „Европа Прима“ од Скопје.

Автор е на 24 драмски дела, на 24 збирки песни, 1 роман, 1 препев, 4 научно – истражувачки книги од театрологијата, 3 публицистички книги, и над 50 дела од областа на научната мисла, на литературната критика и на рецензии за книжевни дела и театарски изведби.

Член е на Друштвото на писатели на Македонија од 1995 година, во 2016 година, се стекнува со титулата Почесен амбасадор на мирот, во 2017 година се стекнува со титулата академик, а пак во 2018 година се стекнува со титулата Европски писател на поезијата и уметноста, која ја доделува Номинациската комора за награди од Брисел при Европската Унија.

Добитник е на повеќе домашни и странски награди и признанија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.