Престижната британска етикета „Лин Рекордс“ денеска го издаде двојниот албум на кој нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески е повторно обединет со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар на WDR од Келн, Германија, во изведбата на двата концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс.

Нивната незаменлива хемија, најважна во камерните концерти на Брамс, е целосно прикажана во овие нови изведби што го ставаат музичкиот афинитет на двајцата уметници во центарот на вниманието. Овиа се два контрастни концерта, едниот почнува во темнина, другиот во светлина, означувајќи го главниот придонес на Брамс во жанрот. Беспрекорната техника на Трпчески и чувствителното свирење на оркестарот обезбедуваат задоволство за пијанофилите“, подвлекува издавачот ЛИН РЕКОРДС, кој освен на компакт-диск, албумот го нуди за преземање и на современите музички платформи.

Симобилично, нашиот пијанист е во Букурешт каде што во салата на романското радио вечер ќе настапи како солист на Оркестарот на националното романско радио и под диригентската палка на Николае Молдовану ќе настапи токму во изведбата на Концертот бр. 2 оп. 83 во Б-дур за пијано и оркестар од Брамс. Концертот што е дел од тековната „Радио музичка сезона“ на Романското музичко радио ќе стартува во 19 часот по локално време и ќе виде пренесуван во живо. Нашите вљубеници во класичната музика ќе може да го слушаат преку линкот: https://rrmplayer.srr.ro/emisiuni/stagiunea-muzicala-radio/120?fbclid=IwAR0hJlurHiTxyEdeuArw5UR2hKCU62xxwKHEmKJyiOtnsqHZ-RdAAUj9V_4



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.