Актерот на Македонскиот народен театар (МНТ) Никола Ристановски е добитник на наградата за најдобра машка улога на 9. театарски фестивал „Нов тврдина театар“ кој се одржа Нови Сад, Србија, соопштија од Националниот театар.

Ристановски е наградан за улогата на д-р Томас Стокман, во претставата „Народен непријател“  од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ, а во продукција на МНТ.

Никола Ристановскии во улогата на д-р Томас Стокман

МНТ со „Народен непријател“ на први септември го отвори 9. театарски фестивал „Нов тврдина театар“, а претставата се одигра на сцената на „Српско народно позориште“ во Нови Сад, Србија. Во официјалната програма учествуваа шест претстави од најголемите театарски куќи од регионот, а во чест на наградените, вчеравечер се одигра претставата „Љубов и вина“, во режија на уметничката директорка на фестивалот, Вида Огњеновиќ.

Жири-комисијата во состав: Ласло Блашковиќ, писател (претседател на жирито), Јована Балашевиќ, актерка и Ивана Ѓуриќ Пауновиќ, литературен преведувач, едногласно одлучија наградата за најдобра машка улога да му се додели на Ристановски за улогата на д-р Томас Стокман, лекар во општинската бања.

Ристановски, веќе 30 години, кариерата успешно ја гради во сопствената земја, но и надвор од нејзините граници. Во неговата кариера остварил огромен број театарски, филмски и телевизиски улоги. Тој е воедно и најтрофејниот актер во историјата на македонскиот театар.

Претставата „Народен непријател“ на 5 ноември ќе гостува и во Италија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.