Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) одржа литературна средба посветена на преведувачкиот опус на руската авторка Олга Панкина, насловена „Ден на македонската книга на руски јазик“.
Претседателот на ДПМ, Христо Петрески во своето обраќање на средбата посочи дека Олга Панкина е амбасадор на македонската книжевност. Нејзиното име и презиме, како што рече, е синоним за неуморен трудбеник и работник.
Ние вакви луѓе како Олга Панкина не можеме да платиме со пари, можеме само со љубов, со позитивна енергија и со убави пригодни зборови. Оној кој што не преведувал, не знае колку е тешко да се преведува. Преведувачката дејност, преведувачката работа е една од најтешките и најмакотрепните, рече Петрески.
Тој напомена оти верува дека Олга постојано ќе ја љуби македонската литература и ќе ја преведува.
Поетот, романописец, есеист и преведувач академик Влада Урошевиќ рече дека последниве две децении, резултатите на трудот на Олга Панкина насочен кон преведувањето на македонските писатели на руски јазик стануваат се повидливи, а бројот на тие дела што ги превела и објавила во Русија до ден денес, станува се поимпресивен.
Македонската литература и македонската култура имале и досега пријатели од други земји кои со преводи и на други начини придонесувале кон афирмацијата на македонската литература. Но, не сме имале до сега таков пријател кој толку многу направил за македонската литература како Олга Панкина, рече Урошевиќ.
Според Урошевиќ, со точност и прецизност од една страна, и со слобода и инвенција од друга страна, преводите на Панкина остануваат како траен белег за книжевните достигнувања на македонската книжевност, но и како документ за интересирањето на една друга средина, за македонската култура и литература.
Занаетот на преведувањето поезија, како што потенцира писателот, е еден извонредно тежок и мачен занает. Кога станува збор за поезија, вели Урошевиќ, не е доволна само почитта кон онаа формално техничка точност при преведување.
За да се постигне еден висок преведувачки или препејувачки резултат, освен познавањето на двата јазика, што е само почетен услов, несомнено е дека е неопходна инвенција, моќ за пресоздавање, чувство за интензитетот на поетичноста, скриен во зборовите и во едниот и во другиот јазик, и многу често неопходна е и смелоста да се открие еден друг пат, кој води кон пренесувањето на тој интензитет во друг јазик, додава Урошевиќ.
Тој додава дека во текот на преведувачкиот процес, Олга Панкина покажува исклучителна способност за пренесување на книжевните содржини од еден јазик кон друг.
Нејзините песни посветени на Македонија несомнено спаѓаат во најубавите песни кои се испеани од некој странски поет во слава на Македонија и на нејзините светлини, потенцира Урошевиќ.
Според писателот, есеист, критичар и книжевен теоретичар Венко Андоновски, Олга Панкина е институција на македонската книжевност.
Олга го работи и уште го држи Македонскиот културен центар во Москва, невладина организација без ниту еден денар финансиска поткрепа ниту од наша, ниту од нивна страна. Тоа е таква љубов кон македонска литература што Олга Панкина за мене е Македонка. Се сметам себе си за човек кој работи, но се поклонувам пред енергијата на Олга Панкина, рече Андоновски.
Според него, Панкина сето ова го прави затоа што е свесна оти книгата од една мала по број на жители, но обемна по култура како што е македонската, не смее да остане во подрумска просторија кај издавачот.
Олга Панкина е позната руска македонистка и преведувачка, поетеса, сликарка, популаризатор на македонската култура во Русија.
Има над 100 објавени трудови: преводи на руски од македонски и од други словенски јазици, како и од руски на македонски. За повеќето автори напишала и белешки во изданијата. Панкина е автор на повеќе статии за Македонија во разни руски списанија.
Автор е на преводите на над 60 книги од македонски писатели, како и на преводите на творби (поетски, прозни, драмски, критичко-есеистички) од 270 македонски писатели, презентирани во рамките на антологиски избори, панорами и одделни објави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.