Јадро – Асоцијација на независна културна сцена, организира јавна расправа по повод промоција на документот за јавни политики „Националните финансиски политики во културата“ во авторство на економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ.

Промоцијата ќе се одржи на 10 февруари (петок), со почеток во 12 часот во просториите на КСП „Центар Јадро“ (ул. Алберт Ајнштајн, бр. 1 – поранешната месна заедница Дане Крапчев во Дебар Маало).

Во разговор со Јовановиќ, на промоцијата ќе земe збор и културниот работник и активист Теодор Целакоски (Хрватска).

Дискусијата ќе ја модерира културната работничка и историчарка на уметност Тијана Ана Спасовска.

Јадро – Асоцијација на независната културна сцена, како актер кој веќе 10 години будно следи и се застапува за подобрување на условите на независната културна сцена, го издаде овој документ за јавни политики со кој се анализира државното финансирање во културата со цел појасно застапување за достоинствени средства за вложување во одржувањето на независната културна сцена. Првиот дел од документот е посветен на анализа на државните буџети за култура, додека вториот се фокусира на годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2021 и 2022 година.

Публикацијата посочува во кои аспекти од финансирањето државата потфрла и кои се следните чекори што треба да се преземат за надминување на критичната состојба во независниот културен сектор, кој се наоѓа во трајно прекарна состојба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.