Годинешнава фестивалска програма донесе едно необично и возбудливо издание со кое го задржавме квалитетот кој е препознатлив за Фестивалот изминативе 64 години, рече на денешната завршна прес конференција директорката на Фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Со голема одговорност, но и обврска максимално се вложивме да бидеме добри домаќини на над 800 врвни уметници и докажани театарски куќи од 24 земји.

Гледалиштата на Античкиот театар, црквата Св.Софија, предворјето на Св. Софија, Долни Сарај, и Центарот за култура беа исполнети до последно место а тоа ни дава за право да кажеме дека понудивме квалитет со кој го оправдавме епитетот на препознатлив и единствен Фестивал. За повеќето настани се бараше карта повеќе, а бележиме и рекордна посетеност на странската публика.

Дозволете да изразам огромна благодарност до сите изведувачи кои преку своите настапи докажаа дека сцената на Охридско лето припаѓа само на најдобрите.

Квалитетната програма зависи и од умешноста на самите селектори. Огромна благодарност за Бисера Чадловска и Сања Арсовска, две истакнати уметници  и културни работници, добро познати на домашната и меѓународната музичка и театарска јавност, кои зад себе имаат богата професионална кариера. Благодарност и до тимот на „Охридско лето“, тим кој умее и знае како треба да се работи професионално, знае како да се справи со сите предизвици.

Неспорен е фактот дека за вака врвен Фестивал кој е презентер на македонската култура и уметност огромно значење има поддршката од Претседателот на државата кој е и Покровител на Фестивалот, Министерството за култура како институција која финансиски го подржува Фестивалот, Општина Охрид, како и нашите верни спонзори и пријатели. Нивната поддршка претставува пример како треба да се негува и одржува еден фестивал.

Големината на Охридско лето е секако заслуга и на поддршката од Амбасадите во Република Македонија. Годинава на мое огромно задоволство имавме 13 дипломатски вечери што секако е доказ дека бележиме успех и во делот на меѓународната размена на уметниците и културата.

Фестивалот „Охридско лето“  како дел од Европската Фестивалска Асоцијација ќе продолжи да ги негува високите културни вредности за да го задржи епитетот на високо реномиран европски фестивал.

Да се биде на чело на една вака врвна манифестација, која повеќе од половина век е собиралиште на  најпознатите уметници и врвните театарски куќи, да се сочуваат  високите критериуми и богатата традиција, значи макотрпна работа, многу труд, многу откажувања но значи и огромна чест и привилегија. Токму затоа, на крајот од ова 64 фестивалско издание со гордост можам да кажам дека ваквата посветеност донесе изминативе 40 вечери да имаме исклучително квалитетна програма.

Во духот на богатата меѓународна традиција, реноме и значење на „Охридско лето“ на Свеченото затворање, вечерва на Античкиот театар, ви најавувам грандиозен театарски проект  „Алиса во земјата на стравовите“ од Ева Махковиќ во изведба на  Југословенски драмски театар од Белград, Република Србија а во режија на еден од нашите најдобри режисери кој има светска слава,  Александар Поповски, рече Поповиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.