Архитектот Здравко Рафаиловски е добитник на наградата за животно дело “Андреја Дамјанов” за 2023 година. Оваа награда ја доделува Асоцијацијата на Архитекти на Македонија (ААМ), како признание за особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството во Македонија.
По дипломирањето, во 1975 година, архитект Рафаиловски започнува да работи во оперативата на ГП “Гранит” од Неготино и накусо потоа преминува во градежното претпријатие “Маврово”, како вработен во проектантското биро “Мавровопроект”. Таму ја започнува долгогодишната проектантска работа и кариера и става потпис на голем број објекти.
Личниот професионален пат го започнува како проектант – соработник, а кон крајот на седумдесеттите и сѐ до средината на осумдесеттите години од 20 век професионално соработува со архитект Донка Петкова Костиќ. Оперативно продолжува да работи како главен проектант и проектира станбени, комерцијални и деловни објекти, кои се издвојуваат во неговиот работен опус. Преку матичното проектантско биро “Мавровопроект”, архитект Рафаиловски е ангажиран за проектирање и изведба на објекти во многу градови на поранешна Југославија, но и на тогаш популарните дестинации Либија и Советскиот Сојуз. Со акумулираното работно искуство, именуван е за технички директор на “Мавровопроект” (подоцна преименувано во “Прима инженеринг”) и од оваа позиција, раководи со техничката документација за многу значајни објекти, сѐ до завршување на професионалната кариера во 2015 година.
Пиедестал во неговиот архитектонски опус зазема комерцијално – деловната зграда именувана и добро позната како “Мавровка”, проект со кој во 1993 година станува добитник на престижната награда на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија – „Гран При“ на БИМАС. Активен член е на Асоцијацијата на архитекти на Македонија, а членува и во Комората на овластени архитекти и инженери, од самото нејзино основање.
Со чинот на добивање на наградата “Андреја Дамјанов” за 2023 година, дипл. инж. арх. Здравко Рафаиловски станува член на Академијата на Архитекти на Македонија, која функционира во рамките на ААМ.
Свеченоста за доделувањето на наградата ќе се одржи на 22.02.2024 година (четврток) во галеријата на МАНУ, во рамки на кое ќе биде отворена и ретроспективна изложба на овој македонски еминентен архитект.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.