Универзитетот „Кодартс“ од Ротердам, Холандија и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип се добитници на наградата „Менада“ за 2023 година за поддршка на современиот танц која традиционално ја доделува Танц фест, соопштија од Бордот на Фестивалот.

Интерарт културниот центар со Универзитетот „Кодартс“ од Ротердам соработува 15 години и со новна поддршка е основана првата едукативна програма за современ танц на универзитетско ниво во земјава, а Универзитетот „Гоце Делчев“ во 2017 година ја вдоми Катедрата за современ танц.

Бордот на фестивалот, во своето образложение вели:

Сметаме дека е исклучително значајна работата на двата универзитета, нивниот сенс и однос кон современата култура, со посебен акцент на квалитетот на наставата, извонредната продукциска програма која им ја овозможуваат на студентите. Академијата за современ танц при Кодартс универзитетот во 2008 година потпиша Меморандум за соработка со Интерарт културниот центар и Рисима Рисимкин, со која во 2010 започна со работа Скопје танцовата академија, прва образовна програма на универзитетско ниво за современ танц во земјава. Оваа соработка, во која КОДАРТС за прв пат во својата историја, долга преку 80 години постоење, дозволи споделување на наставните програми на универзитетот, беше поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Со тоа се овозможи исклучителен развој на млади уметници, танчери и кореографи, кои кај нас се едуцираат на европско ниво, а програмата привлекува и странски студенти. Оваа програма е прогласена за најдобар проект кој Амбасадата на Кралството Холандија го поддржала во областа на културата кај нас.

Универзитет „Кодартс“ од Ротердам, фото Танц фест

Според образложението, Универзитетот „Гоце Делчев“ покажа исклучително чувство за уметничките современи форми и даде своја поддршка за развојот на современиот танц во земјава, преку оформување на Катедрата за современ танц на Филмската академија, програма која беше поставена во соработка со Холандија.

Во заеднички заложби со професорката Рисимкин, се обезбедија и просторни услови и катедрата работи во просториите на Домот на АРМ во Скопје, со што се заокружува формирањето на оваа програма. Студентите на Катедрата за современ танц својата пракса ја изведуваат во рамки на програмата и продукциите на Скопје танцовиот театар, со што се дел од висококвалитетни продукции и настапуваат во земјава и на интернационално ниво. Кодаратс танцовата компанија, работи во соработка со еден од најзначајните светски танцови фестивали и гостува низ Холандија и на интернационално ниво.

Наградите ќе се доделат на 4 април, во 20 часот, на сцената на Македонскиот народен театар, на свеченото отворање на фестивалот Танц Фест 2023 на кое ќе се изведе претставата на Кодартс танцовата компанија „Таленти во движење“ и кое се одржува во чест на 30 години дипломатски односи со Холандија!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.