Книгата „Книжевен бинокулар“ од Соња Стојменска-Елзесер е новиот носител на наградата „Димитар Митрев“ за 2022 година. Тоа е награда што традиционално ја доделува Друштво на писателите на Македонија за книга со критики или есеи. Комисијата во состав: д-р Марина Мијаковска, проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска и Глигор Стојковски, детално ги разгледа сите пристигнати книги, и на последниот состанок едногласно одлучи наградата „Димитар Митрев“ да ја добие „Книжевен бинокулар“.

Есеистичката книга „Книжевен бинокулар“ на Соња Стојменска-Елзесер е дело со книжевни и културолошки есеи кои во фокусот поставуваат актуелни истражувачки прашања од македонската култура. Оваа публикација има структура на мозаик со теми и проблематики кои Стојменска-Елзесер ги истражувала изминативе неколку години, а сите се однесуваат на македонскиот книжевно-културен контекст. Според Стојменска-Елзесер „културата може да ја разбереме единствено во релации, контекстуално, компаративно.“ Затоа таа се служи со компаративен метод во анализа на делата од македонските автори.

Според образложението на Комисијата: „ова дело содржи дваесет и два текста поделени во два диптиси од вкупно десет поглавја. Секое поглавје е компонирано од два текста што може да се разберат како две оптички стакла од микроскоп или окулар што понудува различни агли на гледање на левото и десното око. Секој диптих е составен од два сродни тематско-содржински есеи кои се изделени во посебно поглавје според тематска сродност. Станува збор за концептуална книга со изграден стил, што проблематизира актуелни есеистички прашања и истражувања и носи иновативност во формата и содржината на ваквиот тип на книга. Во секое поглавје се понудени два текста како две оптички стакла, а читателот има избор преку неговата призма на гледање како трето оптичко стакло да одбере како да пристапи кон толкувањето на истражувачките прашања.

„Книжевен бинокулар“ на Соња Стојменска-Елзесер е есеистичко дело во кое компаратистичката промисла на книжевните феномени отвора нови видици и предизвици во македонската книжевна наука. Стилот е јасен и течен, а теориските импликации и цитатноста на делата со кои се служи авторката, воопшто не го отежнуваат читањето на есеите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.