Наградата „Даница Ручигај“ за најдобра поетска книга објавена во 2023 година се доделува на писателката Славица Дабевска Ќировска за книгата „Плетенка“, соопштија од Друштвото на писателите на Македонија.

Станува збор за поетска збирка од 47 песни со самосвојност на творечката оригиналност во кои во кротките сништа на поетесата шепоти мигот на вечноста, светнува надеж налик на ,,мов во темнина“, животот што мина во трагање низ расцветаните алеи во мирисната градина на ,,Плетенка“!

Редејќи, ко слики на филмско платно, поетесата занесно не води во висина на сјајот на ѕвезденото небо, така од тие божествени далечини се обидува да дознае со затворени очи: Како ли изгледа ,,Дамата на стихови“ за која сонува и броди во тесен вакуум да изѕида свет по кој е дојдена, и зошто пред нас и ѕвездите молчат за она што и тие добро го знаат“?.

Поетесата во поедини песни слива солзи копнеејќи по спокој на душата и разговара често со себеси барајќи одговор под клепките на мноштво живи светови. Посебно треба да се потенцира нејзиниот, речеси перманентен стремеж кон конструирање на поетска слика служејќи се скоро исклучиво со описот. Низ лирски збиен дискурс наслика апел за љубов, смирај, и во светот на тагата е и можното решение, и дека помеѓу тие две крајности ништо друго и не постои, и така секој набљудувач од страна има можност да погледа само љубов и среќа и тогаш кога ја нема.

Песните оставаат посебен впечаток, носат порака за љубовта да се биде задоволен со моменталната состојба, давајќи му живост на дејствието и оставаат траги како божја вистина дека животот забрзано ги брои само моментите. Тие се топли и лирски обоени, впечатливи како она трпеливо, истрајно слагање на зборот, оние силни креативни текови, нејзини, низ стегнат израз и се очекува долго дека ќе се чуваат од заборав.

Притоа, со исконска сила поетесата Дабевска Ќировска со бисерни стихови за поетска вечност се обидува да проникне со својот сензибилитет, не конформизам и творечка енергија, да ја подотвори вратата на македонската женска поезија и успеа сето тоа да го слее во целината на книгата. Изразот во ,,Плетенка“ е чист и современ, актуелен, авангарден и креативен и зрачи со позитивните импулси и мислите на македонското поетско небо.
Книгата ,,Плетенка“ на Славица Дабевска Ќировска претставува нејзиното ново и квалитетно исчекорување во сопствениот творечки влог. Творештвото кое претставува нагорен чекор кон се позабележливото себепретставување, на авторката како стихотворец со автентичен поетски израз, вели м-р Љерка Тот Наумова, која е селектор на пристигнатите ракописи.

Во продолжение напоменуваат дека конкурсот за наградата “Даница Ручигај” 2023 беше распишан на 2 октомври 2023 година, но поради познатите случувања во Друштвото на писателите на Македонија, сега се објавува добитникот на наградата и образложението за наградата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.