Со повеќе од 30 промотивни настани, од 18 до 24 април во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи 36. издание на Саемот на книга. Слоганот е „Приказна се чита“, чија што цел е да го доближи саемот до помладата популација, а покрај едукативно-културниот аспект, годинава се воведува и општествено одговорна компонента.

Даниела Глигоровска, управител на Скопски Саем на денешниот брифинг со новинарите, најави дека саемот ќе биде отворен за посетители во 10 часот, а во 13 часот ќе биде официјалното отворање, при што обраќање ќе има министерката за култура.

Како еден од новите изложувачи кој што е најавен и ќе биде присутен е Гете Институтот и амбасадорката на Република Сојузна Германија, која исто така ќе присуствува на официјалниот дел на отворањето. Програмата е богата, рече Глигоровска.

Со секоја купена редовна влезница ќе се донираат 15 денари за СОС детско село. Исто така, по повод 23 април – Светскиот ден на книгата, во СОС детско село и ДУЦОР „Партенија Зографски“ од Скопје – средно училиште за ученици со оштетен слух ќе бидат донирани по 100 книги и бесплатни годишни претплати од Boksy – изложувач на саемот, за година онлајн читање на книги.

Претседателот на Македонска Асоцијација на издавачи (МАИ), Бојан Саздов на денешниот брифинг информираше дека годинава во рамки на Саемот на книга е додадена и професионална програма, Фелоушип програма, по примерот на сите поголеми светски саеми.

Оваа година, како што најави, ќе дојдат пет гости – книжевен агент од Франција, но и претставници од Словенија, Грција, БиХ и од Црна Гора.

Годинава се воведува и нов концепт на поставка на штандовите, за подобра видливост на сите изложувачи и издавачи, а помалите издавачи во однос на квадратурата ќе бидат визуелно подостапни до публиката.

Последниот ден нема да има промоции. Ќе се случат околу 30 настани, меѓу кои и доделување на наградите од Асоцијацијата на издавачи и секако фелоушип програмата, рече оперативниот директор на Саемот на книга Сања Кондарко.

Работното време на Саемот на книга ќе биде од 10 до 20 часот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.