Од идната 2023/2024 академска година на Универзитетот “Фан С. Ноли” во албанскиот град Корча, на катедрата за албански јазик ќе може, како подпредмет(по избор) да се изучува македонскиот јазик и култура.

Ова го соопшти Јонела Спахо, деканка на Педагошкиот факултет во Корча при посетата на Пустец,  претставувајќи ја новата програма “Албански јазик и книжевност и јазикот и култура на малцинствата”.

– Чест ми е што сум денеска со вас и што тука гледам и мои поранешни студенти кои имаат дипломирано на Универзитетот “Фан С. Ноли” и сега работат како наставници во Преспа. Студентите од македонската заедница отсекогаш биле меѓу најдобри студенти на нашиот Универзитет. Минстерството за образование и спорт на Албанија оваа година ја одобри програма „Албански јазик и книжевност и јазикот и културата на малцинствата” со што и припадниците на македонската заедница во Албанија ќе имаат можност покрај албанскиот јазик и книжевност да го изучуваат и македонскиот јазик и култура, како втор предмет и се здобивијат со диплома, рече деканката.

Иницијатори за отворање на оваа програма и изучување на македонскиот јазик и култура при Универзитетот “Фан С. Ноли” во Корча, како што посочи таа, се македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски и нашиот колега, професорот Васил Стерјовски кои во последните две години упорно ја туркаа ова иницијатива”. 

– На сите многу добро ви се познати заслугите на Васил Стерјовски за македонската заедница во правец на образованието, социо-економскиот развој и други правци и чест ни е што го имаме ангажирано за професор при Универзитетот “Фан С. Ноли”, изјави Јонела Спахо.

За Стерјовски отворањето на оваа прогама е од големо значање за припадниците на македонската заедница во Албанија и посебно за македонската заедница во округот Корча, на која сега и се дава можност македонскиот јазик и култура да го изучуваат при Универзитетот “Фан С. Ноли” во Корча. 

-До пред  неколку година при Универзитетот во Тирана функционираше лекторат на македонски јазик и се прават напори и таму повторно да профункционира лекторатот, но ова е првпат да имаме посебна програма каде може да се изучува македонскиот јазик и култура на високообразовна институција во Албанија. Студентите кои ќе се запишат и дипломираат на оваа програма ќе бидат поконкурентни на пазарот за вработување не само во образовниот процес, но и во други области, рече Стерјовски.

 Посочи дека Универзитетот во Корча располага со најдобрите современи услови за студирање. 

-Ве поканувам да го посетите Универзитетот “Фан С. Ноли” и самите да се уверите за условите за студирање. Ги повикувам матурантите во што поголем број да се запишат и од новата академска учебна година да почне со имплементација оваа програма, порача Стерјовски.

Според него, професорскиот кадар ќе биде обезбеден во соработка со Педагошкиот факултет од Битола.

Почетокот со реализација на програмата го поздрави и градоначалникот на Пустец, Пали Колефски, додавајќи дека и самиот дипломирал на овој Универзитет и ќе им помогне на сите ученици од македонската заедница кои ќе се запишат на оваа програма.

Вети, исто така, дека ќе организира посета на учениците од средното училиште „Митре Колефски и Трајан Ѓорѓиовски” од Пустец на Универзитетот во Корча.

На презентацијата на програмата присуствуваа и ученици и професори од гимназијата во Пустец. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.