Летната сцена на Кинотека, именувана исто како и култниот филм на режисерот Димитрие Рули Османли – Мирно Лето – во месец јули ќе продолжи да ги бранува пробирливите љубители на седмата уметност. Филмските ракописи направени во климатски студената Шведска, овде во јулски вжареното Скопје уште повеќе ќе ја покачат температурата кога ќе се види создаденото во скандинавската земја. Во рамките на кино содржините ќе бидат проектирани новите остварувања на Ласе Халстром и Микаел Хафстром, документарецот за еко активистката Грета Турнберг, и уште неколку филмови од рецентната продукција потпишани од режисерките Миа Хансен-Лав и Натали Алварез Месен.
Хронолошки се стартува со последниот документарец за легендите Лајбах, снимен за време на нивниот настап во Северна Кореја. Следуваат филмовите од Шведска. Средината на месецов е резервиран за содржините од филмскиот фестивал Синедејс. Крајот ќе го одбележат новите филмови на Даријан Пејовски, Кристијан Ристевски, Иво Трајков, Елеонора Венинова и Теона Стругар Митевска.
Во секој случај понудената разновидност, по сите параметри, ќе ги задоволи вкусовите и на најпребирливите кинофили. Ова е вистинска квалитетна можност кино проследувачите барем накратко да се засолнат и да најдат прибежиште од врелиот скопски асфалт.
Се гледаме на летната сцена на Кинотека – Мирно Лето. ПРОГРАМА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.