„Многу се радувам што самовилското коњче се врати онаму кадешто се роди, кај Пехчевските водопади, Малешевските планини. Не ни претспоставував дека нашата семејна авантура од пред две години ќе се преточи во книга која ја промовираме на изворот на инспирацијата“- вели авторката Александра Велинова за нејзиното најново литературно оставрување.
Извадоци од книгата со еколошки пораки драматизираа ученици од основното училиште во Пехчево „Ванчо Китанов“ под менторство на наставничката Оливера Ковачовска Кратевска.
-Она што како специфично за книгата и и дваа дополнителна привлечност и убавина е интересно изнесеното запознавање на децата (а и возрасните) со богатството во разноликоста на флората на Малешевските планини и ендемските видови кои постојат овде- посочи рецезентката на книгата воедно и промоторка, писателката Љубинка Донева.
Промоцијата ја организираа Градската Библиотека „Кочо Рацин“ и Општина Пехчево, препознавајќи покрај уметничка вредност во ова дело поддржано и од Министерство за култура и можност за промоција на Пехчево кое има голем потенцијал за развој на туризмот.
-Ова не е обична сликовница, туку поучно дело и за родители и за деца, бидејќи праќа повеќе еколошки пораки за односот кон природата од која сме дел и не запознава со ретките ендемски видови на Малешевските планина преку автентични колор илустрации- изјави директорката на библиотеката која беше и една од промоторките на книгата Габриела Костадинова.
Пехчевски Водопади, се наоѓаат на десетина километри југоисточно од Пехчево, во горниот, изворишен дел на реката Брегалница. Реката овде е длабоко всечена помеѓу планината Влаина на север и Малешевски Планини на југ, така штона некои места има кањонест изглед. Токму тука се создале 5 поголеми водопади и бројни каскади на Брегалница и нејзините притоки, каде чистата и студена вода весело жуборејќи го пренесува зборот за убавините на Малешевијата. До водопадите се доаѓа по локалниот асфалтен пат од Пехчево до туристичката населба Равна Река.Следејќи ја долината, прв е Спиковски водопад на Спиковска Река, десната притока на Брегалница. Кон водопадот висок 8 m, води добро уредна пешачка патека долга 500 m, со поставени летниковци и клупи за одмор. Потоа следува Црндолски водопад на истоимената притока на Брегалница, висок околу 5 m. Уредната пешачка патека што води до овој водопад e долга околу 400 m, со многу летниковци и места за одмор на посетителите и е доста погодна за пешачење.
Скокото е третиот водопад кој се наоѓа на самата река Брегалница веднаш по спојувањето на Љутачка и Ж’тачка Река. Водопадот е висок околу 7 m и располага со големо количество вода. До самото место води уредена пешачка патека со должина од околу 1500 m. Водопадот на Љутачка река е четвртиот по ред, со височина од околу 10 m. По патот до него има поставено клупи за одмор. Петтиот и последен поголем водопад е Ж’тачки водопад на истоимениот поток, кој со своите 14 m е највисок. Иако долго време не била позната нивната атрактивност, тие денес се достапни за вљубениците во природата и за туристите. Сите водопади изобилуваат со планинска убавина. Водопадите се пристапни, означени со добра сигнализација и инфо-табли. Целиот простор е убаво уреден, во прекрасна планинска област со густи шуми и чист воздух.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.