По повод 70 години од раѓањето на нашиот голем драмски писател Горан Стефановски, денеска ќе се одржи промоција на книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски.
„Идентитетот е приказна“ е прва книга во која детално се анализира и вреднува есеистичкото творештво на Стефановски и се оценува како исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура.
Промоторка на книгата ќе биде проф. д-р Марија Ѓорѓиева-Димова, а водител на промоцијата ќе биде актерот Благоја Чоревски, кој има остварено улоги во речиси сите изведби на драми на Горан Стефановски на нашата театарска сцена.
На настанот ќе се слушнат и фрагменти од есеите на Стефановски, кои ќе ги читаат актерите Енџи Николоска и Никола Настоски. Исто така, ќе бидат прочитани и фрагменти од неговиот последен, тестаментален есеј – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“, објавен меѓу кориците на „Идентитетот е приказна“.
Со изведба на фрагменти од театарската претстава „За нашиот Горан“, на промоцијата ќе учествуваат и деца од Актерската школа на Весна Петрушевска, како претставници на генерациите заради кои денес треба да се разберат голем дел од пораките во есеите на Стефановски, анализирани во книгата.
Објавувањето на оваа книга е остварено во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, а со поддршка од Министерството за култура, како проект од национален интерес.
Промоцијата на книгата „Идентитетот е приказна“ е со поддршка од Општината Центар и на настанот ќе се обрати и градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Во рамките на настанот е предвидено и дружење на присутните со споделување спомени за Горан Стефановски и разговори за книгата „Идентитетот е приказна“, овозможено со поддршка од винарската визба „Тиквеш“.
Инаку, книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски, според оцените на универзитетскиот професор, писател и книжевен критичар Венко Андоновски е не само пионерско, туку и професионално, методолошки точно поставено проучување на есеистиката на Горан Стефановски.
– Студијата на Антоновски е методолошки чиста, инвентивна, јасна и дескриптивно-остензивна. Со еден збор, сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар – Горан Стефановски. – истакнува Андоновски во изданието.
Според оцените на универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, книгата „Идентитетот е приказна“ е студиозна и високо книжевно-критичка анализа на есеистичкото творештво на Горан Стефановски, која покажува дека тоа творештво може да се чита од повеќе аспекти релевантни не само за книжевната наука, туку и за културологијата во поширока рамка, а кои се веќе референтни и за македонската книжевна историја.
– Низ еден извонреден дијалог со есеите на Стефановски засилен со исклучителен број научно-истражувачки места, оваа книга дава одличен импулс во книжевно-теориските истражувања на некои актуелни и нови теми и проблеми на македонското творештво. Верувам дека оваа книга ќе поттикне и нови согледби за оваа проблематика, како и дека ќе поттикне и отвори низа други прашања кои може да станат појдовни точки за некои понатамошни, нови истражувања на полето на македонската книжевност и македонската култура.“ – констатира Мојсова-Чепишевска.
Настанот во сабота, крај „Клупата на Горан Стефановски“ ќе биде прва промоција на книгата „Идентитетот е приказна“ откако таа веќе е достапна за читателите во книжарницата на „Полица“ во Скопје, а наскоро ќе биде достапна и во другите поголеми книжарници во земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.