На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ денеска ќе бидат доделени наградите за најдобар превод „Драги“. Настанот е во рамки на јубилејното, 10. издание на Фестивалот на европска литература „BookStar“ 2024.

За наградата првично беа номинирани 43 дела на 40 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 18 различни јазици и од сите жанровски категории – романи, раскази, книги за деца, поезија, драма.

Жири-комисијата во состав д-р Јана Михајловска, д-р Зорица Николовска и Владимир Јанковски одлучи во последниот круг на селекција да влезат пет преведувачи-финалисти со изданија објавени од пет издавачки куќи и преводи направени од четири различни јазици: Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански на „Интимен живот“ од Николо Аманити, издание на Антолог, 2024 година, Ѓоко Здравески за преводот од хрватски на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, издание на Бегемот, 2024 година, Екатерина Бабамова за преводот од англиски на „Градот на победата“ од Салман Ружди, издание на Артконект, 2023 година, Елисавета Поповска за преводот од француски на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, издание на Илика, 2024 година и Ирена Јурчева за преводот од англиски на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, изднаие на Паблишер, 2023 година.

Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирано од издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, а се состои од плакета и статуетка „Драги“, како и од паричен дел во износ од 30 000 денари.

Во рамки на настанот ќе биде доделена и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачот Бенјамин Лангер (Германија) за преводот на романот „Пиреј“ од Петре М. Андреевски од македонски на германски јазик.

Сето ова се случува во годинава кога се одбележуваат 90 години од раѓањето на авторот. Присуството на добитникот е реализирано во соработка со Германската амбасада, а тој ќе биде и професионален учесник на втората фелоушип програма „Објавувајќи ја Европа“ (2nd Publishing Europe Fellowship), велат од издавачката куќа „Антолог“.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Покрај со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон… Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.