Во рамките на осмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, во организација на Контрапункт, годинава тематски насловен „Заробени во слободата“, во четврток, 25 јануари, во КСП Центар – Јадро, со почеток во 18 часот, Андреј Мирчев ќе одржи предавање проследено со дискусија на тема „Иконокластични изведби: Кон агонистичка политика на слики“.

Фокусирајќи се на концептот на иконoкластична изведба, предавањето го обмислува мачниот однос помеѓу уметничките практики и современата политика обележана со неолиберална амнезија. Во контекст на тековните културни војни, актите на кршење на сликите означуваат субверзивни тактики за нарушување на циркулацијата на неофашистичките идеологии усогласени со територијалната логика на капитализмот, патријархалното и колонијалното насилство. Во исто време, упорното уништување на социјалистичките споменици е едно од одлучувачките алатки на историскиот ревизионизам после падот на Берлинскиот ѕид. Деконструирајќи ги симболите и претставите на моќта, овие чинови го оспоруваат неолибералниот јавен простор изграден околу исклучувањето на Другоста, но може да доведат и до негово зацврстување. Во обид да се артикулира агонистичка политика на слики, ќе се испита двосмислената идеја за иконокластични изведби и ќе се фрли светло врз нивната естетска моќ за да ги изложи алтернативните модели на родова, расна и класно свесна субјективација.

Андреј Мирчев е професор, драматург и визуелен уметник. Неговите истражувања се занимаваат со дијалектички трансфер помеѓу теоријата и практиката, а неговите интереси се просторната теорија и теоријата на изведба, интермедијалноста, меморијата и архивите.

Мирчев бил научен соработник во Меѓународниот истражувачки центар „Преплетување на културите на перформанс“ во Берлин. Предавал на Институтот за применети театарски студии во Гизен, на Универзитетот за уметност и дизајн (HfG) во Карлсруе и на Институтот за театарски студии, ФУ Берлин. Во моментов е гостински професор на Универзитетот за уметности во Берлин.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.