Балканот долго време останува „меко ткиво“ за низа европски појави, експерименти, идеи што биле во залез во стариот континент, а ќе доживеат несакани последици на Балканот, влегувајќи често во спрега со низа пориви на младите нации, вели Старова.
Академик Луан Старова е романсиер, раскажувач, поет, есеист, литературен критичар, но и научник и долгогодишен дипломат, почина денеска на 81 година, објави семејството. Пишувал на албански, македонски и на француски јазик.
Во сеќавање го реобјавуваме интевјуто во кое со новинарката на Република Невена поповска рзговара за актуелните состојби на Балканот, во земјава, литературата…
Вашиот роман „Времето на козите“ беше објавен во САД, во издание на Универзитетот „Висконсин прес“ и доживеа промоција во Конгресната библиотека во Вашингтон. Романот е објавен на повеќе од 15 јазици и впечатокот е дека Вие како автор, градејќи еден свој автохтон и содржински сè покохерентен свет, „опсесивно“ сте обземен од идејата во своето книжевно дело да создадете еден духовен, ментален, историски, етнички и цивилизациски портрет на другиот Балкан. Сметате ли дека е возможно да се направи тоа?
Старова: Мојата „балканска книжевна сага“ почна да се создава во 90–тите години на минатиот век кога Балканот, со распадот и братубиствените војни во Југославија, влегуваше во својот мачен варварски период . За мојата генерација писатели се наложуваше клучното прашање во нашите текстури да се разбере балканскиот трагизам, да се покаже патот на излезот од варварството, кое колку што беше инхерентна судбина, толку беше и наметнувана историја од другите. Во тој период, во апотеозата на кризата, имаше тези дека западниот свет треба да го остави Балканот да согори во ендемското, племенско варварство, во омраза, непомирливи напријателства, мрачна иднина,верски и етнички судири. Почнав еден долг трпелив процес, на еден вид антисудбина претпоставуваната од туѓите извори. Просторот требаше да се освојува од книга во книга, да се освојува вниманието на домашниот и на странскиот читател. Претставувањето на „Татковите книги“ во најголемата библиотека во светот- Конгресна библиотека во Вашингтон, пред пријатели од македонската и од албанската дијаспора, претставува не само еден вид „конгрегација за судбината“ на татковите книги, на нивната универзална метафора, туку и мисија да ги зближува луѓето, наспроти нивните разлики.
Мојата балканска сага , често велам, е како провидение, кое се должи на литературата. Така, врз редовите на страниците на наследните таткови книги откривав дамки пепел, паднати при пушењето во мигови на најсилна концентрација. Тоа беше живиот татков глас, неговиот балкански тестамент оставен во книгите да се најде при читање. Дамките пепел станаа итинерер на мојата балканска сага, потрагата по патот на излезот од варварството. Се сеќавав на една изрека на Андре Малро: литературата, можеби, не може ништо, но нема ништо друго што може колку литературата! А, Жан-Пол Сартр вели дека долго време мислел дека перото му е меч, но на крајот се уверил во спротивното, но сепак продолжил да пишува, не само за да го оправда својот живот, туку за да им понуди на другите алтернатива со својот живот и искуство. И така почна да оживува вистината од татковите балкански книги: се објавија романите „Времето на козите“, „Атеистички музеј“, „Патот на jагулите“, „Ервехе“, „Тврдина од пепел“, „Балкански жртвен јарец“, „Потрага по Елен Лејбовиц“, „Љубовта на генералот“, „Балкански клуч“, „Амбасади“ и „Нови амбасади“… Од митската библиотека со татковите книги, излегуваат едноставни приказни, како романескни стожери, кои дејствуваат самостојно, но и во систем. Во крајна линија, тие ја пренесуваат мисијата на еден вид реално, доживеано балканство низ почитување на другиот низ неговото различје и обратно, што во крајна линија треба да резултира со меѓусебна толерантност и хармонија. Во повеќетомната проекција на мојата сага (пишувана на мојот мајчин албански јазик и на македонскиот, јазикот на моето школување), во претставеното семејство во еден век егзистенција на Балканот, не ги одбегнува разликите, туку настојува да ги хармонизира, универзализира, најчесто преку книжевните фигури на имагинацијата, кои почиваат врз автентични и реални искуства од животот.
Авторот доживува сатисфакција кога гледа како читатели од различна етничка припадност, друг јазик и вера ги прифаќаат ликовите и судбината на ова семејство како свои. Меѓутоа, најголема потврда, сепак, доаѓа од светот, односно од земјите (Франција, Германија, САД, Италија, Шпанија, Грција, Турција, Бугарија, Романија, Полска, Финска, Русија, Хрватска, Србија и други), во кои балканската сага се прифаќа како друга вистина за Балканот, поинаква од таа што ја ширеа и шират европските медиуми за Балканот.
Колку побрзо Балканот ќе се ослободи од синдромите на минатото, толку побрзо ќе се спаси од стапиците
Во сите дела од „Балканската сага“ говорите за трагичната балканска историја. Балканот и балканската сага е духовната супстанција, но и генералниот историски ракурс од кој се согледува и осмислува големата несреќа што ги придружувала луѓето и народите на овој полуостров низ неговата долга и трагична историја. Продолжува ли таа историја и понатаму да биде несреќна и трагична?
Старова: Балканот влегува во планетарната ера, со претходната глобализација, со своите неразрешени митови на минатото, со немоќта да ја открие хармонијата меѓу државата и граѓанската хармонија на општеството, со незалечените рани на братоубиствените војни, со лузните на намножените граници, со болните последици на неживеениот историски континуитет на европските институции, со синдромот на постојаното почнување и (само)жртвата. Но, сепак, Балканот влегува и во новата „заедница по судбина“, според синтагмата на големиот мислител Едгар Морен . Колку што побрзо Балканот ќе се ослободи од синдромите на минатото, тој толку побрзо ќе се вклучи во планетарната „заедница по судбина“ и ќе се спаси од стапиците на иманентниот трагизам…
Вистината за Балканот се шири преку вашата книжевна мисија. Дали тоа Ве поттикнува на продолжување на сагата?
Старова: Мојата балканска сага е отворен книжевен проект, книгите функционираат и самостојно, се прелеваат една во друга, сочинуваат можна целина. Замислата е низ можните „глобални метафори“ да се проблематизираат трагичните настани во балканската историја на 20 век, соочувањето со задоцнетиот балкански национализам, последица на доцното создавање на државата-нација и нејзините последици. Книжевната уметност, можеби, поефикасно ја демитологизира и дедраматизира натрапничката историја во нејзините националистички изливи, отколку кој било друг облик на човековото кажување. Повеќе години собирам документи за „глобалната метафора“ на „чистите јазици“ на Балканот, како одраз на националистички пориви, кои не го избегнаа Балканот во 90–тите години на минатиот век. Повеќе години ме опседнува темата за глобалната метафора на „јаничарството на Балканот“, за сложеното прашање на идентитетите, кое сè уште не катарзира во роман. Така, балканската сага останува отворен, сигурно, незавршен проект до крајот на животот…
Народите на овој простор како тајни, етички и аксиоматски, опстојувале врз начелата: „Подели, па владеј!“, „Чекај да се крене, па потоа отсечи му ја главата!“ „Да му умре козата на комшијата!“ и, секако, јаничарството: свој најубаво убива свој! Го надминавме ли ова или сѐ уште талкаме барајќи излез?
Старова: Фаталните синтагми на кои посетувате не се од чисто балканска провиниенција. Тие потекнуваат од големите империи, кои последниов милениум владееле со Балканот. Така синтагмата: Подели, па владеј, својата генеза ја имала во Римската Империја, но таа со векови ќе најде погодна почва да вирее на Балканот. И јаничарството имало своја генеза во Римската Империја (со Преторијанската гарда), но на Балканот ќе ги доживее своите погубни модификации целејќи кон бришење на иницијалниот идентитет. Со други зборови, Балканот долго време останува „меко ткиво“ за низа европски појави, експерименти, идеи, кои биле во залез во стариот континент, а ќе доживеат несакани последици на Балканот, често влегувајќи во спрега со низа пориви на младите нации. И во балканската сага преку централниот лик на Таткото, кој постојано ја пишува и никогаш не ја завршува својата историја на Балканот, низ падот на империите, не случајно, изворот на трагизмот го гледа во владеењето на империите со нивните покорувачки механизми, а излезот го гледа токму во падот на империите. Во оваа противречност тој го гледа спасот од трагизмот и неговите придружни рецидиви.
Велите: „…Тие веруваа дека во книгите се кријат душите“. Според тие книги, Балканот најчесто страдал од примената на погрешни „идеи“, погрешно преземени од книгите и уште попогрешно пресадени во животот, а наметнати од моќни завојувачи и империи?
Старова: Зошто во мојата балканска сага книгата доживува борхесовска балканска апотеоза? Владеењето на империите на Балканот, кои речиси сите, почнувајќи од римската, па до отоманската, своето владеење го наложиле по пат на воено освојување и наложување на свој цивилизациски поредок. Со нивниот пад, уште долго време владее инерцијата на империските институции. Се создаваат повеќе линии на цивилизациски континуитет, кои за народите на Балканот, по падот на империите, стануваат линии на митски дисконтинуитет. Во овие балкански земји недостига континуитетот на институционалната меморија. Со преродби и цивилизациски стремежи (како хуманизмот и ренесансата во Европа во 16 век), се бара „задоцнет излез“ кон Европа . Оттука и метафората дека главниот лик во сагата, Таткото, верува дека во „книгите се кријат душите“, односно континуитетот на загубеното време…
Во „Времето на козите“, Чанга, конечно, согледува зошто е толку краткотрајна среќата на луѓето и на народите на Балканот. Ќе сфатиме ли сите ние, конечно, како да постапуваме за да бидеме посреќни?
Старова: Францускиот моралист Ла Бријер во еден свој познат афоризам препорачува: „Да се развеселиме пред да бидеме среќни, зашто може да нѐ нема, а да не сме биле никогаш среќни!“ Во краткиот роман „Времето на козите“ се проблематизира повоениот период во Македонија, односно во Скопје, кога нараторот со смртта на козата спасителка на животот го осознава чинот на смртта и крајот на рајот на детството. Секој живот е среќа…
Геостратегиската позиција може да ја воздигне земјата, но и да ја соочи со низа непредвидливи опасности
Патрик Крисман, првиот амбасадор на Франција во Македонија, рече дека вашиот роман „Балкански клуч“, им овозможува да откријат значајни периоди од македонското општество и го нудат вистинскиот клуч за подобро откривање и толкување на реакциите на овие соседи на Европа од нејзиниот југоисточен дел, понекогаш блиски, а толку мистериозни. Како долгогодишен амбасадор, каков е Вашиот впечаток за тоа како Република Македонија се доживува меѓу Европејците?
Старова: Како да ја наследив судбината на јунаците од балканската сага: животот да ми се одвива низ парадокси. Бев амбасадор на земјата што се распаѓаше, Југославија кон крајот на 80–тите години и амбасадор земјата Република Македонија во Франција (период третиран во романите „Амбасади“ и „Нови амбасади“). Како универзитетски професор по француска книжевност во најголемиот дел од мојот живот трагав по француската цивилизациска и идентитетска суштина низ книжевното катарзирање. Поради тоа ми беше лесно да допрам до позначајни кругови на француски писатели, мислители, дипломати (како Едгар Морен, Морис Дрион, Ален Боске, Робер Бадентер, Филип Сеген, Франсоа Делатр, Ален Лероа и други). Најчеста теза за Македонија беше дека таа се наоѓа во цивилизациско и поволно геостратегиско средиште, кое може да биде предност, но и потенцијална тешкотија. Геостратегиската позиција може да ја воздигне земјата, но и да ја соочи со низа непредвидливи опасности. Таткото на туниската нација Хабиб Бургиба, на забелешката дека на глобусот Тунис е голем колку поштенска марка, одговараше дека е тоа вистина, но марката патува низ светот, односно светот е негов. Надежта е дека Македонија ќе соумее да ги искористи своите геостратегиски потенцијали…
Вашата „Балканска сага“ се создаваше во периодот од 1992 година до 2012 година, односно до денешни дни. Мошне бурен период за овие простори од сите аспекти. Но, настана во потрагата по показ на излезот и од „наметнатото варварство“ низ судбината на книгољубјето. По излезот и спасот од ,,варварствотоˮ трагаа и трагаат на Балканот и го чинат младите демократи, кои беа без поголема државничка традиција, каде што етничкото го потиснуваше граѓанското. Го надминавме ли ова?
Старова: Централниот лик на балканската сага во еден момент вели дека историјата на едно семејство може да се мери со децении, но историјата на државата се мери со векови. Во тоа има вистина. Француската национална држава е формирана по Француската револуција во 1789 година, по три до четири века се стари и други европски нации, како шведската, која датира уште од 16 век, па англиската итн. На Балканот државите-нации се стари по стотина години. Во текот на тие стотина години требаше да се доживеат и цивилизациски да се урамнотежат во новото национално битие противречностите низ кои ќе поминат западните општества во освојување на демократијата, кои не можеле да се пренесат или пресадат механички и еднозначно. Затоа, можеби, на Балканот долго време етничкото ќе превладува над граѓанското, идеолошкото над демократското, анахроното над напредното итн. Меѓутоа, животот е татков каков што е, си има свои биолошки граници, свои генерации. За земјите со мала државничка традиција еден од императивите на опстанокот е негувањето на еден етички консензус на генерациите, кои ги вградуваат своите вредности во интерес на развојот на демократската иднина на заедницата. За тоа е потребна морална храброст, трпеливост. Жан Кокто велеше дека среќата е долга трпеливост…
На 60-годишнината од живеењето со македонскиот јазик, покрај пишувањето и негувањето на мајчиниот албански јазик, стигна високото книжевно престижно „Рациново признание“ за романот „Потрага по Елен Лејбовиц“. Дали литературата отвора некои затворени врати?
Старова: Се пишува својот живот. Јас се школував и живеев со македонскиот јазик, почнувајќи две три години по неговата нова кодификација (по Рациновата). Живеев и создавав со проблемите на овој јазик, за на крајот да го пишувам и своето книжевно дело. Но, јас живеев во семејството со мојот мајчин, албански јазик. Пишувам и се изразувам на албански јазик. Верував и верувам дека јазиците во некоја повисока, митска или реална инстанца се прелеваат еден во друг. Никогаш во животот немав причини својата јазична етика да ја приспособувам на притисок на конјунктури од една или друга страна. Така верував и така верувам. Затоа, често и велам дека најдобро заклучените врати се отворените врати. Јазиците се, всушност, отворени врати…
Разговараше Невена Поповска
фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.