Средата која измина во Аудиокултура се одржа култен настан на кој свој настап во живо реализираа Танос Ставридис, Стела Темплери и Бобан Мирковски.
„Tales from the box“ или „Приказни од кутијата“ е насловот на проектот кој ја пренесува сета суштина, не само на музицирањето, туку и суштината на живеењето.
Со прикладен говор, Танос го објасни насловот на проектот и не поведе кон неверојатно музичко патување на флексибилност и премостување на три века музика со помош на три инструменти.
Виолончело, пијано и хармоника.
Со трите најраспространети и најфлексибилни инструменти во светот, ова беше музичко патување од вчера до денес. Од Бах и Моцарт до Шопен, Хачатуријан и Гершвин. Но и до Фреди Меркјури, Битлси и Пјацола како најголеми филмски композитори на 20 век.
„Приказни од кутијата“ се среќаваат со Бобан Мирковски во проект кој се стреми да покаже колку можат да бидат актуелни класичните музички дела. Воведниот интро говор од Танос пред секоја следна композиција беше и почеток, но и финален допир од уникатност која уште повеќе ја облагороди и така фантастичната вечер.
Во биографијата на Бобан, како пијанист и аранжер, се запишани бројни солистички настапи, награди и успеси на светско ниво, како и заеднички настапи со значајни имиња од македонската музичка сцена.
Танос Ставридис е еден од најпознатите хармоникаши, со соработки и изведби во дискографијата на најголемите и најпознатите пејачи, композитори и музичари во Грција и на Балканот. Учествувал во над 100 снимања на албуми и како солист и како оркестратор.
Биографијата на Стела Темплери исто така бележи бројни концерти со виолончело, како и истакнувања на натпревари во камерна музика. Соработки со значајни музички имиња се чести, а еден од нејзините главни проекти во дуетот со виолончело и хармоника е секако „приказни од кутијата“.
Овој проект за прв пат беше реализиран во Кавала, Грција, а изведбата во Аудиокултура е втора по ред воопшто и прва во Македонија.
Фото: Стефан Рајхл
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.