Последната содржина од музичкиот дел на програмата на годинешното 63-то издание на Фестивалот „Охридско лето“ е концертот на Професионалниот мешан хор „Про Арс“, вечерва во црквата „Света Софија“ од 21 часот.
Професионалниот мешан хор „Про Арс“ е формиран 2011 година од диригентот Сашо Татарчевски по повеќегодишно делување во сферата на хорската уметност и анализа која укажа на недостаток од еден ваков ансамбл, кој професионално и пред сѐ квалитетно ќе одговори на потребите на музичката сцена во Македонија.
Предностите на хорот стануваат видливи уште во првата година од неговата активност, презентирајќи висок квалитет на изведбите, мобилност и можност за изведба на широк репертоар со различна жанровска определба. Посебен акцент и посветеност се дава на веќе постоечкото македонско хорско творештво, но и на поттикнувањето на младите автори за пишување нова хорска музика.
Во своето дванаесет годишно делување, хорот оствари самостојни концерти со уметничка хорска музика, концерти на „Денови на македонска музика“ со праизведби на композиции од македонски и странски автори, концерти на реномирани фестивали како „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Есенски музички свечености“, соработка со разни фондации и здруженија во реализирање концертни програми со хетерогена жанровска определба. Од 2018 година хорот е редовен гостин на концертите со вокално-инструментална музика на Филхармонијата на Р. Македонија , настапувајќи не само со маестро Татарчевски, туку и со диригенти како: Густав Кун, Емил Табаков, Габриел Бебешелеа, Лубнан Балбаки и др. „Про Арс“ реализирал огромен број студиски снимки за едукативни програми, солистички албуми, како и филмска музика за високо буџетни интернационални филмски остварувања во студиото ФАМЕС.
Од 2017 година хорот ја започна и својата меѓународна афирмација со настапите на престижни сцени во Солун, Софија и Виена.
Членовите на професионалниот хор „Про Арс“ се млади, мотивирани, вокално образовани хорски уметници, комплетно едуцирани и подготвени за ефективна и професионална работа.
Хорот работи под раководство на Сашо Татарчевски, дипломец и магистрант на ФМУ Скопје, кој има посетувано и мајсторски курсеви кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург.
Татарчевски им настапувано со голем број ансамбли вклучувајќи ги Македонската Филхармонија, Националната опера и балет, Камерниот оркестар на Битола, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, Оркестарот на Ермитаж од Санкт Петерсбург, Симфонискиот оркестар на ФМУ, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, „Солисти на ФМУ“ и други камерни и симфониски состави. Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Интерфест“, „Скопско лето“ и многу други, има настапувано и освоено награди со различни ансамбли во голем број европски земји. Во моментов работи како професор по група предмети од областа на диригирањето на ФМУ-Скопје, уметнички раководител е на професионалниот хор „Про Арс“ и диригент на Женскиот младински хор при МКЦ, мешаниот хор „Драган Шуплевски“ и камерниот оркестар „Солисти на ФМУ“. Редовно снима музика за светски продукциски куќи со симфонискиот оркестар и хорот „Про Арс“ во студиото FAMES. Член е на бордот на World Youth Choir, член на неколку жири комисии на интернационални музички натпревари како и раководител на меѓународниот хорски форум во Струга.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.