Кинотека деновиве ја одбележува 70-годишнината од првиот македонски игран филм „Фросина“, снимен во далечната 1952 година, во режија на Војислав Нановиќ, а во продукција на тогашниот државен филмски продуцент „Вардар филм“.
На иницијатива на Кинотека, Македонската Радио Телевизија деновиве сними документарен филм за филмот „Фросина“ кој премиерно ќе биде прикажан на МРТ на 28 јуни во 20:45 часот. Автори на документарецот „70 години Фросина“ се Соња Самарџиева и Томи Алексов, а монтажата е на Влатко Ангелов. Филмот е во продукција на Македонската Радио Телевизија.
„Фросина“ (1952) на Војислав Нановиќ и „Мирно лето“ (1961) на Димитрие Османли – минатата година беа дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска – а филмот „Мирно лето“ е објавен и на блуреј диск, како прво блуреј издание на македонски филм.
Кинотеката деновиве го подготвува за објавување и изданието на дигитално реставрираната верзија на „Фросина“, исто така на блуреј диск.
Во рамките на одбележувањето на овој 70-годишен јубилеј од првиот македонски игран филм на 28 јуни (вторник) во Кочани, во ЈОУ Библиотека „Искра“ со почеток во 20 часот ќе се одржи изложба на фотографии од филмот, проследено со пригодно предавање и дискусија за неговото значење во историјата на македонската кинематографија во организација на Кинотеката и ЈОУ Библиотека „Искра“.
„Фросина“ e првиот македонски долгометражен игран филм, по сценариото на писателот Владо Малески, а во режија на Војислав Нановиќ. Премиерата била одржана на 28 јуни 1952 година во скопското кино „Култура“. Снимен е во црно-бела техника на 35 мм лента, со времетраење од 79 минути. Жанрот на филмот е социјална драма за егзистенцијата, печалбарскиот живот, Втората светска војна и трагедијата на една мајка која го губи синот единец. Насловната улога ја толкува Мери Бошкова (Фросина), а во другите улоги играат Ацо Јовановски (Климе), Петар Велјановски, Наѓа Подерегин, Петре Прличко, Илија Џувалековски… Продуцент на филмот е „Вардар филм“, директор на фотографија е Киро Билбиловски, композитор на музиката е Трајко Прокопиев, сценографијата е на Милан Васиќ, а асистент на режија бил Трајче Попов.
Режисерот Нановиќ, кој има македонско потекло, од Дојран (роден е во Скопје, каде што го поминал детството) – веќе бил потписник на два долгометражни играни филма, „Бесмртна младост“ и „Волшебниот меч“ (митската приказна за Баш-Челик) во српската/југословенската кинематографија.
Нановиќ, пред снимањето на „Фросина“, бил на неколкумесечен студиски престој во Лондон, каде што специјализирал филмска режија, и каде што колега му бил еден од најзначајните автори на европскиот филм во 20. век, шведскиот режисер Ингмар Бергман.
Сценариото за филмот го напишал писателот Владо Малески, кој подоцна ќе посведочи дека претходно немал никакво искуство во пишување сценарија и дека тоа за него било директен влез во занаетот.
Филмот ја раскажува трагичната судбина на Фросина, вдовица и мајка на многу деца кои умирале бргу по раѓањето, а само Климе преживеал. Нејзиниот сопруг гурбетџија, пред да загине, речиси постојано бил отсутен од нејзиниот живот, а таа сама ги раѓала, а набргу потоа и ги погребувала своите деца. Сега Климе, нејзината последна надеж, здраво и пргаво момче, живеачката ја заработува помагајќи им на постарите и поискусни рибари. Вљубен е во Љуба, девојка која сонува за живот на висока нога, нешто што сиромашниот Климе не може да ѝ овозможи. Кога Климе ќе го сретне ранетиот Кирил ќе реши да замине во партизани, да се бори за слобода. Година дена подоцна, кога во гратчето започнуваат улични борби помеѓу окупаторот и партизанскиот одред, синот ќе сака да ја искористи можноста да дојде во својот дом, да ја посети мајка си Фросина. Таа е свесна дека тоа е можеби нивната последна средба…
Како најпогодна за улогата на насловната ролја, на Нановиќ му ја препорачуваат тогашната театарска ѕвезда Мери Бошкова. Иако во тоа време таа била млада глумица, дваесет и осумгодишна жена, а требало да глуми многу постара жена. Сепак, Бошкова одлично ја креира својата улога, со впечатлива трансформација во стилот на античките хероини. За жал, ликот на Фросина е една ретките главни улоги во нејзината филмска кариера: ќе ја гледаме само уште во „Мирно лето“ (1961), „До победата и по неа“ (1966), „Најдолгиот пат“ (1976, споредна улога) и „Ангели на отпад“ (1995).
Во улогата на Климе, синот на Фросина, настапува тогашниот натуршчик Ацо Јовановски, кој по школувањето на Високата музичка школа – отсек за глума – ќе стане еден од доајените на македонското глумиште. Во филмот играат и Петре Прличко, Илија Џувалековски, Стојка Цекова, Петар Велјановски, Наѓа Подерегин, Борис Бегинов, Тома Видов, Киро Винокиќ, Кирил Ќортошев…
Нановиќ заедно со сценаристот Владо Малески и асистент-режисерот Трајче Попов го доработуваат сценариото во манастирот Калишта крај Струга и во 1951 година почнуваат со реализација на филмот, чиј директор на фотографија е Киро Билбиловски, доајен на македонската кинематографија. Билбиловски таа година требало да замине во Америка да снима репортажа за македонските иселеници, но останал во Македонија за да го остави својот снимателски печат на првиот македонски игран филм.
„Фросина“ е реализиран во скудни технолошко-технички услови, со позајмена филмска техника од Белград. Во импровизираното филмско студио, особено инвентивен бил тон-снимателот Војне Петковски. Тоталите за филмот биле снимени на Охридското Езеро, а крупните планови и инсценациите кои го инсценирале самото езеро биле доснимени во хангарот на војниот аеродром кај Зајчев Рид крај Скопје.
Во мај 1989 година, Кинотеката организираше симпозиум на тема „Фросина“ – првиот македонски игран филм“ на кој учествуваше голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, задно со сценариото, во 1991 година беа објавени како посебно печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија.
А на 16 јуни 2021 година, во летното кино на Кинотеката беше прикажана и дигитално реставрираната копија на „Фросина“ – и истовремено беше пренесувана во живо („live streaming“), па можеше да се следи на каналот „YouTube“, како дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ (A Season Of Classic Films). Во таа прилика, д-р Атанас Чупоски, филмолог-советник во Кинотеката – одржа беседа за филмот и меѓу другото посочи дека во тоа време постоела т.н. идеолошка комисија, која цензурирала одредени делови на филмот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.