Кумјана Новакова за нејзиниот последен долгометражен филм „Молкот на разумот“ ја доби наградата за најдобра режија во програмската секција „Envision”, за време на синоќешната церемонија на најголемиот светски фестивал за документарен филм ИДФА, во Амстердам.
Наградата ја доделува петочлено жири, a фокусот на натпреварувачката програмска секција „Envision” е на меѓународни или светски премиери на филмови со посмела форма, каде авторите и авторките и пристапуваат на реалноста од поинаков агол и ги истражуваат најдалечните граници на документарната уметност.
Членовите на жирито ја истакнуваат режисерката за нејзиното ригорозно презентирање на форензички докази и неверојатната храброст на жените чие сведочење овозможи силувањето да биде меѓународно признато како воено злосторство. Кумјана Новакова на филмски начин направи овие злосторства никогаш да не ги заборавиме, истакна меѓународното жири во својата експликација за наградата.
„Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова ја доби наградата за најдобра режија
Во своето видео обраќање при примањето на наградата, Кумјана Новакова истакна дека „Молкот на разумот“ е филм кој е резултат на солидарноста на жените кои не само што ја преживеале војната, туку се издигнале над насилството за да го уништат самиот концепт на насилство.
Не сакам да зборувам за тоа колку е важен филмот, туку колку е важна солидарноста. Ако имаме барем малку интегритет, сите заедно во еден глас ќе побараме прекин на огнот и ослободување на Палестина веднаш. Не постои историска, политичка или која било друга причина која може да се користи како аргумент за уште еден геноцид да биде на рацете на човештвото. Крај на сите форми на опресија. Крај на сите форми на насилство. Слободна Палестина, потенцираше Новакова.
„Молкот на разумот“ своја светска премиера имаше оваа лето на Сараевскиот Филмски Фестивал. Во наредните неколку денови следуваат националните премиери на филмот во Србија – на Авторскиот филмски фестивал во Белград, во Италија – на Торино Филм Фестивал, во официјалната меѓународна натпреварувачка програма, и во Полска – на WatchDocs фестивалот исто во меѓународната натпреварувачка програма. Средината на декември филмот ќе има специјална проекција во Скопје. „Молкот на разумот“ е подржан со уметнички грант од страна на БИРН, а е во македонско-босанска ко-продукција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.