Во четврток на 3 март, ќе се одржи концертот насловен „Моќта на класиката“ на кој како солистка на англиски рог ќе настапи Маја Чанаќевиќ, а диригент е маестро Конрад ван Алфен од Холандија.

На програмата се Симфонијата бр. 5 од Л.В.Бетовен, Сцена и рондо за англиски рог и оркестар од Антон Рејха и Концерт за англиски рог и оркестар од Јозеф Фиала.

Иако Петтата симфонија восхитува во својата презентација, компактност и извонредна музичка содржина, таа не е создадена во еден креативен импулс. Таа всушност е едно од ретките дела на Л. В. Бетовен, кое е создавано во подолг временски период, а во меѓувреме додека работел на неа, успеал да заврши две симфонии со потполно различен карактер од нејзиниот: во 1806 ја напишал лирската Симфонија бр. 4, а во исто време со Петтата ја завршил и Шестата, која ја насловил „Пасторална“.

Во периодот кога ја напишал оваа феноменална симфонија, Бетовен веќе се помирил со глувоста, иако како што самиот напишал „малку недостасувало да си го одземе животот, но љубовта кон музиката го спасила од овој потег“.

Симфонијата носи предзнак „судбинска“, а овој контекст произлегува од желбата за живот на Бетовен која најдобро ја преточил во мисла во едно писмо: „Сакам да ја фатам судбината за гуша. Нема да ѝ дозволам да ме скрши. Ах, колку е убаво да се живеат илјада животи“.

Симфонијата првпат била изведена во Виенскиот театар, на 22 декември 1808 година, заедно со шестата „Пасторална“. Петтата симфонија е најпопуларно дело во неговиот творечки опус.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.