На Меѓународниот ден на младите, уште еднаш потврдуваме дека тие се двигатели на движењето напред, идните лидери и предводници на успесите на нашата држава. Младите ја имаат страста и храброста да зборуваат гласно и одлучно за промените кои оваа генерација политичари мораме да ги заокружиме со единствена цел – подобар, поквалитетен и европски живот, тука во нашиот македонски дом. Таа енергија, авангарда, па дури и непослушност, е суштината на нивниот идентитет и код на нивната креативност. И токму затоа заслужуваат да им го обезбедиме сиот потребен простор за да се изразат, напиша министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на својот фејсбук профил.
Таа порачува и дека секој политичар, сите на кои им важи зборот во општеството, имаат обврска да ја отворат перспективата за младите.
Во природата на младинскиот дух е освојување и пополнување на јавниот културен простор. Затоа, се обврзувам пред младите дека Министерството за култура ќе продолжи да ослободува и оспособува јавни простори за нивните „субверзивни“ креативи како најдобар начин да го слушнеме, разбереме и уважиме младинскиот глас за подобра иднина. Еден од хоризонтите на таа иднина е Европската Унија и ние со ништо не смееме да им ја попречиме оваа јасна цел на младите. Секој политичар, сите на кои им важи зборот во општеството, сите имаме обврска да им ги отвориме перспективите на младите и да ја внесеме #МКвоЕУ затоа што тоа е нивното природно место, меѓу своите европски врсници, наведува Костадиновска Стојчевска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.