Младинската претстава „Како ќе го делиме мачорот“ во Театарот за деца и младинци (ТДМ) ја отвора темата развод и низ што минуваат децата и родителите во тој процес. Премиерата на преставата чиј режисер е Јане Спасиќ е закажана за в среда, 22 ноември, во ТДМ во 20 часот.
Режисерот Спасиќ, инспириран од романите на познатата авторка за деца и млади, Џуди Блум, го пишува текстот „Како ќе го делиме мачорот?“, кој како и во нејзините книги, искрено ја отвора и согледува темата на развод во една фамилија.
Непристрасно, смело, но и нежно, оваа претстава ги отвора табу темите, и ги прикажува повеќето стравови на децата и родителите и притоа, ги поставува вообичаени прашања и перспективи и дилеми на секој развод. На тој начин искрено и отворено ги раскажува премолчените разговори при овој тежок процес, велат од ТДМ.
Преку приказната за разводот на фамилијата Неделковски, претставата е како „отворен разговор“ за сите деца и млади кои го минуваат или го минале овој процес, но и поттик за родители да ја разберат нивната позицијата и потреби. Од друга страна таа, на еден свој начин е „другар“ на сите кои минале низ ова, едно место каде се одвиваат сите потиснати разговори, но и „прирачник“ за однесување за сите најблиски пријатели, другари и останати членови на семејството, кои сведочат за развод на своите ближни.
Иако се занимава со една тешка тема, претставата релативно лесно, „шета“ по сите потиснати и скриени катчиња на една фамилија во развод, а со тоа прикажува многу светла на краевите на повеќе тунели, понудувајќи повеќе убави исходи, отколку лоши.
Улогите ги толкуваат: Драган Довлев, Ана Левајковиќ Бошков, Матеа Јанковска, Никола Наковски, Ангела Димитрова, Ненад Митевски и Марија Ѓорѓијовска.
Спасиќ е режисер, а негова е и драматизацијата и изборот на музиката. Сценографијата е на Кирил Василев, костимограф е Бранкица Јордановска.
Наменета за возраст од 12 години нагоре.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.