Костадиновска-Стојчевска во Штип: Три милиони денари за санација на Центарот за култура и истражување на археолошките локалитети под надлежност на Музејот

 

Министерството за култура го реновираше Центарот за култура „Ацо Шопов“ од Штип и досега се исплатени речиси над еден милион денари за санација на ентериерот – истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска при денешниот увид на активностите на националните установи од областа на културата во Штип.

Сите проекти што се предвидени во програмите на националните установи во Штип се реализираат тековно, а од огромна важност е што има проекти и инвестиции и со вонбуџетски средства, со што се демонстрира висок степен на домаќинско работење и менаџерски однос, рече Костадиновска-Стојчевска при денешната посета на Центарот за култура „Ацо Шопов“, како и на Националната установа Завод и музеј – Штип.

Од почетокот на годината се реализирани 122 активности и манифестации од сите дејности од културата, а институцијата остварила и заштеда на електрична енергија од 32 процента во споредба со истиот период минатата година, што е особено важно во време на сериозна енергетска криза. За проектот молерисување на дел од простории, одобрени се средства во износ од 140.000,00 денари. Проектот е реализиран и е извршена исплата на средства во износ од 139.594,00 денари, а се поставени ламинат, ПВЦ подна подлога и винилни плочи со монтажа во вредност од 448.383,00 денари. Набавена е и светлосна и тонска опрема во вредност од 324.500,00 денари – информираше директорот на Центарот за култура од Штип, Горан Трајков.

Тој додаде дека Центарот за култура „Ацо Шопов“ – Штип со сопствени средства, пак, набави клима-уреди, а изврши и комплетна реставрација на фоајето во објектот на институцијата со што се доби современ уметнички простор – „Галерија`22“. Направена е реконструкција на малата сала во установата и други интервенции, а со донација се реконструираше и Спомен-собата на Ацо Шопов.

Исто така, обезбеден е грант-проект за „МЛАДИ ХАБ“ во вредност од 30 000 евра, а се склучени и меморандуми за соработка со неколку домашни установи, но и со Хрватскиот народен театар од Вараждин.

Костадиновска-Стојчевска при посетата на Заводот и музеј – Штип го истакна значењето на проектот за конзервација и реставрација на владетелската палата на археолошкиот локалитет Градиште (Билазора), с. Кнеже, Св. Николе, што го реализира оваа установа.

Годинашните активности на локалитетот Билазора беа поддржани со 1,8 милиони денари, нешто што е важно за континуирани активности на ова извонредно значајно наоѓалиште каде што и годинава има значајни наоди. Издвоивме средства и за конзерваторско-реставраторски работи на базиликата на локалитетот Баргала. Има голем број активности преку кои надлежните установи континуирано и систематски го заштитуваат богатото културно наследство во Штип и во регионот – нагласи Костадиновска-Стојчевска.

Директорот на Заводот и музеј – Штип, Митко Штерјов, истакна дека стручните екипи на оваа национална установа реализирале археолошки истражувања на неколку локалитети, меѓу кои се и истражувањата на доцноантичката тврдина Кула, с. Калаузлија, во близина на археолошкиот локалитет Баргала, како и на локалитетот Трескавечка чука, Општина Конче.

Со оглед на тоа што во 2023 година се одбележуваат 80 години од депортацијата на Евреите од Штип и од земјава, годинава беше поддржан истражувачкиот проект „Последните еврејски куќи во Штип“, чии резултати ќе бидат искористени во одбележувањето на јубилејот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.