Министерството за култура изработи проект за реновирање и уредување на просторот на новата Национална установа Оркестар за џез-музика на Македонија која ќе биде сместена во зградата на Националната опера и балет (НОБ), соопшти денеска на прес-конференција министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Таа кажа дека Министерството за култура обезбедило и пари за санација на инсталациите на подрумските простории во зградата на НОБ.

Владата и Министерството за култура обезбедија нова адреса и простор за трајно користење за новата Национална установа Оркестар за џез-музика на Република Македонија или, популарно, за Оркестарот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници, рече Костадоновска Стојчевска.

Просторот е со површина од 475 квадратни метри, и со проектот се предвидува уредување на простор за проби и за режија, мало студио, простор за чување инструменти и ноти, машки и женски гримиорни, тоалети и три канцелариски простории. Проектот предвидува и простории за машинска опрема и електрични инсталации.

Убедена сум дека постојаното присуство на џезерите овде ќе значи нов квалитет за културата, рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска

Проценетата вредност на реновирањето е околу 200 илјади евра (11.714.709,00 ден.), средства што ги обезбедуваме во партнерство со Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, рече министерката.

Особено сме задоволни од ова решение за еден оркестар каков што е Оркестарот за џез-музика. Со работата на Здружението на џез-музичари во овој круг на градот, оживуваме многу стари спомени за Скопје, го заокружуваме музичкиот простор каде што се и Средното музичко училиште, Факултетот за музичка уметност, Националната опера и балет, Филхармонијата, па и живиот парк „Ибни Пајко“, рече министерката за култура на денешната прес-конфренција.

Според Костадиновска Стојчевска, со Оркестарот за џез-музика се комплетира и се збогатува музичкото и уметничкото опкружување, и со оглед на тоа што џезот е музика на слободни стилови, убедена сум дека постојаното присуство на џезерите овде ќе значи нов квалитет за културата, за социјалниот живот и за сликата на Скопје, рече Костадиновска Стојчевска.

Беа потребни само неколку месеци за да се формализира одлуката за основање на новата установа – Оркестарот кој во изминативе години стана една од омилените институции која пополнува огромна празнина во современата музичка култура на земјава, кажа Костадиновска Стојчевска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.